×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • МОНОПОЛ: Tаму кај што виреат дивите костени

    13.11.2014 15:00 | KumanovoNews

    На две места во Куманово виреат дивите костени.Во близина на Соколана и кај Монополот.Велат, речиси на идентична надморска висина… Тука се најекспонирани,а проретчени,егзистираат и на работ во  болничкиот парк.И толку.Кога се насадени,кој ги насадил и колку лета изживееја не е познато.

    МОНОПОЛ: Tаму кај што виреат дивите костени

    По она како изгледаат се гледа дека се стари.  Ги имало од времето пред и по Втората светска војна, и со својата убавина го свртувале вниманието на намерникот.Особено се привлечни  нивните прекрасни цветови во пролет и дебелите сенки, кои ги обликуваат нивните раскошни крошни распослани понекогаш и над  објектите кои никнувале покрај нив.

      Токму до шпалирот на споменатите диви костени,во горниот дел на градот,кај Пожарниот дом,спроти зградата на Домот на армијата, на времето,во втората деценија на минатото столетие пуштил во градот  сидро кумановскиот Монопол.И како ревносна и вносна државна  компанија се развивал како тоа времето и системот го овозможувале. Жолтото злато,инаку мошне плодотворно на македонската почва, а и во кумановскиот регион,носеше дебели профити на владите на Кралството Југославија,тоа исто се случуваше со режимот на окупаторска Бугарија  за време на фашизмот,а беше економски темелник на социјалистичка самоуправна Македонија.Интересно е дека секогаш Монополот беше државна компанија,независно дали системот беше феудален, капиталистички или, да речеме социјалистички.Денес, во дадениот миг Монополот е фирма со недоречена и мистериозна приватизација,колектив  околу кој се играат разни заткулисни игри,и за прв пат во своето постоење во насловот бележи: АД „Тутунов комбинат…

     

     Во старите архивски материјали,од пред војната и по неа,се среќаваат многу податоци за рољата на Монополот во економската приказна на Градот.И би рекле не само економска, зашто ние децата што расневме околу ова кумановско највносно стопанско чедо го паметитеме и по многу други нешта сврзани со идеологијата на Партијата на власт,со културната политика на градот,со спортот, со комунизмот,силниот синдикализам…

      Преку тутунот се раскажуваше приказната за Куманово,за иљадниците градски трудбеници во Монополот,помеѓу двете војни,за исто толку вработени за време на фашистичката окупација,за неговиот растеж и модернизацијата по Војната,изградбата на Фабриката за цигари која ја немаше до 1964 година…

     А во повеќеслојната палета на минатото:надничари,штрајкови,напредно работничко движење,комунисти,партизани,самоуправувачи… Се споменува како бастион на комунизмот во Куманово  пред Војната  и за време на окупацијата 1941 година,а не помалку беше и по ослободувањето.Од неговите хали директно во партизани, во првите кумановски окотомвриски одреди излегоа,Васе Гелев,Киро Наков,Мики Мургашански….Пред тоа во јуни 1941 година беше организиран познатиот штрајк на монополските работници.На огромните жолти монополски згради многу плочи,бисти на хероите во цветните градини,спомен обележаја,  од тоа бурно,до пред некоја година,славно минато на овој крај.Секвенци кои денес повеќето речиси никој не ги есапи, дури обвинувајќи го комунизмот за екстезивноста во која се наоѓа општеството,кумановското сиволо никогаш не било посиво.А во тоа минато бележиме огромен профит,кој го стекнуваше државата,градот,општината,околијата,Монополот,вработените. Од Монополот живееше земјоделската популација во Подкарадачието.Во селата нанижени во подножјето на Карадачките коси основно занимање на населението беше производството на тутун.Го береа исто како оние Рациновите тутуноберачи, по ист калуп, по ист систем,од зазорувањата  до квечерините.Го садеа и стари и млади,машки и женски.

     

      Ги работеа главно кумановски сорти,“Отља” и “Џебел”.Во  јануарските и февруарските дни секоја година огромни количини на тутун од Отља, Оризаре, Слупчане, Липково, Матејче..., се слеваа и пластеа во огромните хали на Монопол.Се сушеше,се подготвуваше за продажба,како жолто злато,но и за производство на цигари по изградба на кумановската фабрика: “Балкан”, “Ривал”, “МТ”, “Виза” “Лорд” и секако незаменливата кумановска, жолта “Драва”,која поради “пребукираноста” на кумановската фабрика извесен период се фабрикуваше во Нови Сад.Брендови од кои и денес живеат во паметењето на средовечните кумановци.Како денес си споменувам на тогаш единствениот во Куманово, Дане “Погонски”, долги години технички раководител, “главен” во производството, крстете го како сакате, меѓутоа човек кој додека можеше да работи беше алфа и омега на Монополот.Како млади луѓе сме слушале и за генералните, Заре, Киро Наков, Бранко Младеновски- Мачка. Ревносни и одговорни раководители, кои си го познаваа бизнисот и својата општествено политичка роља во самопоуправниот социјализам… Потоа  доаѓаа и други кои раководеа, го одржуваа Комбинатот, но зад нив застанаа партиите од кумановското и македонското плурално небо, кои со овој најсуштествен кумановски колекетив сакаа да се поиграат и во таа своја сурова, несериозна “игра” го сторија она што го сторија.

     А, Монопол како што споменавме беше и мајка и татко на градот.Ги хранеше вработените, а ги хранеше и семејствата на вработените. Котлајки и котлајки се полнеа од монополските казани и се носеа дома на гладните семјства за време на “фруштоците”, ручоците.Бедата и сиромаштијата која што ја доживуваше градот во првите години по ослобдувањето се компензираше преку Монопол. Во него се  градеше социјализмот, првите клучеви кои ги презедоа работниците по воведување на работничкото самоопуправување, на 5 јануари 1951 година, го сторија работниците во Монопоплот. Во огромните хали на овој колектив се организираа незаборавни  новогодишни пречеци, на платото пред најстарата зграда на овој Комбинат се памети “дивеењето” на рокенролот. Мајсторите на оваа игра во градот, покојниот Дофи и Турчинот Кадри, оркестарот на кумановските гимназијалци со доктор Гарев, Мане, Јанко, Чорба. Денес, кога си споменуваме за ова време,навистина е чудно како сето тоа беше отворено, и близу до граѓаните, ако се земе во предвид дека сето тоа беше дел од кумановската економија и тоа нејзиниот највежен и најпрестижен и доходовен сегмент.Во работничкиот ресторан се гледаше и правата телевизија, меѓу другото и натпрераврите на олимпискиот турнир во Рим 1961 година, победата на “сините” над Данска, головите на Милан Галиќ и бронзата за  фудбалерите на Југославија…   

      Во Монополот постојано имаше сезонска работа на која повеќе пати многумина од нас многу чесно си го заработувавме џепарлакот.А монопоплското купатило,кое на еден импровизиран начин изникна, непосредно до Котларата,во еден дел од развојот на градот беше навистина благодет за сите нас кои немавме кај да  да се капеме. Зашто градот во педесетите и шесеесетите гопдини имаше едно старо купатило кај Гимназијата и се разбира стариот Амам кај Џамијата.Ама ова беше далеку посовремено, со тогаш убави тушеви, и со продолжено време за капење.За жал егзистираше многу кратко време… Затоа пак ние  кои расневме околу Монополот, се “тудевме” на сите можни начини да ги ползувавме “благодетите” од  жолтото злато, односно неговите рефлексии во секојдневниот живот на Куманово.Ја имавме таа привилегија , по укинувањето на јавното купатило во Монопол да се капеме во Котларницата, но овој пат како,стандардни првотимци на монополскиот фудбалски клуб “Работник”. По секој тренинг, кој повторно, се одржуваше во кругот на Комбинатот или пак на бреговите на Липковска река, преку автопатот кај што денес е Шумското стопанство. Одевме во Котларата и ги користевме убавините на топла вода, чија што пареа се употребуваше за ферментирање на тутунот.

      А Монополот, независно на својата терцијарна роља беше водечка стопанска гранка во Куманово. Комбинатот донирал многу нешта во овој град, и колектив кој по тогашните правила на самопуправниот социјализам и солидарноста на работничката класа,беше лидер.Впрочем нели тоа му го овозможи и наложи историјата.А тој, едноставно беше континуитет.

        И се ќе беше добро ако Монопол и денес си ја вршеше функцијата успешно како во изминатите речиси цели 80 години: да произведува, да го негува тутунопроизводството,вработува и создава профит за државата, плата за вработените...

    Тој денес, посебно по 1999 година, кога кај раководните структури на Монопол почнаа да навраќаат луѓето од политиката,не го остварува. Жални се многуте пароли кои на посебни црвени ленти постојано се веат на зградите во Монополот и на кои обично пишува “ШТРАЈК”.Тажни се приказните за намерите на оваа раководна структура во однос на онаа другата, на безобзирното делувањето врз овој колектив на политички партии, односно нивните елити, од кога всушност започна се уште недоречената приказна за кумановскиот Монопол.Поразителни се сите случувања во последните пет–шест години, од кога Монопол вооппшто не функционира. Жални беа игрите што се играа од страна на неуките индивидуи, кои се нарекуваат политичарите, и со таквите фирми во табако индустријата како “БАТ” или “Филип Морис”.Како “расна” и профитна фирма влезе во фокусот на небиднината, и се случи катарза, како што впрочем му се случи и на севкупното кумановско стопанство.

    Не знам дали  ние кумановчаните сме проколнети за да ни се случуваа  работи, кои што евидентно и секојдневно ни се случуваат во изми- натите десетина години. Зошто само на нас може да ни се случи  “Свињарската фарма” каде што мирно, како да се случува на Исланд, го гледавме сопствениот хорор,како и ова, со Монополот,каде се одвива тажната македонската транзиција во мало, каде врие како во “балканската меана” и беснее борбата на некои чудни индивидуи, и каде  фрустрацијата го мати разумот и се создава омразата. Едноставно се судираа старите и за жал, исто така стари, но во “ново” руво трансформирани сили, со идентична ментална матрица и пориви. И се присетувам на една секвенца  од “Тромбот” на нашата Оливера Николова, на ликовите на д-р Раде(стар) и  и Пауновски (нов), претставители  на времето кое безповратно заминува и на добата на првичниот хаос од плурализмот, кој со сета сила доаѓа:“ Не се лажеше Раде дека Пауновски е издржлив на се, во име на неговата генерација снаодливци што ќе се одмаздуваат за долгото чекање на шансите и кои без скруполи ќе му ја цицаат крвта и нему, што некогаш ја ползувал благосостојбата на повластените”

     А во меѓувреме, еден силен ресурс, меѓу гигантите во дејноста во земјата, експерти во бизнисот, луѓе кои целиот свој живот го поминаа во Монополт, нивните деца и внуци,кои на некој начин ја наставија работата,се растикаа.Ќе ги најдете на кумановскиот плоштад каде што се уште расправаат кој е во право околу случувањето во нивната фирма и дали ќе го дочекаатаат денот кога Монопол повторно ќе зачекори по познатите врвиците.

                  

    Тажна слика на Тутунскиот комбинат денес

        Ние пак хроничарите и луѓето, кои ги следиме култните нешта во овој град, а цениме дека Монополот е токму тоа, а згора на тоа и расневме покрај ваквите, за наши прилики, стопански гиганти, повторно се враќаме на извориштето. Повторно кај старите диви костени, кои се уште стојат на ветрометините и паметат. Можеби повторно ќе бидат во состојба да ја почувствуваат бучавата на кумановското работништво во Монополот, вриежот при влезот и излезот и обврзувачкото проверување на влезната врата со црвено и сино копче, полните камиони со тутун и цигари, кои брзат кон разни дестинации, кај своите купувачи. Можеби повторно слики од минатото, од времињата социјалистички, кои сигурно, и со наша помош, примитивизмот,  алчноста и наивноста, отидоа, осудени во неповрат, на место кои, на мала врата и под разни плаштови и валкани игри се врати  капитализмот. И тоа оној најсуровиот, првичниот, каде борбата за присвојувањето на капиталот е беспоштедна, опустошувачка.