Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Тешките искуства од минатото ги научиле кумановци дека за успех не се доволни само желба и воодушевување, туку во прв ред е потребна цврста организација, која народни маси да ја прифатат како своја и активно ќе учествуваат во неа.
Стремежите на народот од Кумановскиот крај за ослободување од турското ропство никогаш не престанале. Тешките искуства од минатото ги научиле кумановците (како и Македонците) дека за успех не се доволни само желба и воодушевување, туку во прв ред е потребна цврста и монолитна организација, чија цел ќе биде широките народни маси да ја прифатат како своја, да ја помагаат и активно да учествуваат во неа. Таква организација македонскиот народ добил со оформување на ВМРО.
ВМРО во Куманово била составена од учители, земјоделци и занаетчиски работници, но и поедини трговци кои ја помагале материјално организацијата. Според податоците во книгата на Боро Чушкар „Борбено Куманово 1919-1941“ во Куманово околу 1900 и 1901 година, доаѓал и самиот Гоце Делчев, кој во таа прилика формирал и чета од борци, чиешто влијание било огромно во формирање на организација и вооружени чети во Куманово, бидејќи многу кумановски села биле на такво место што служеле како одлични бази за премини, преведување на илегални работници, префрлување на оружје и на цела чета од едниот крај на Македонија до другиот или пак од Србија и Бугарија за Македонија и обратно.
Реонските чети биле создавани и во оние села каде веќе постоела организацијата, а со самото засилување на влијанието на ВМРО, движењето зафаќало сè поголем број од селата, па одреден период вооружените чети за кумановци станале неопходна секојдневна потреба. Најчесто под четничкото знаме се собирале главно млади и слободни луѓе, но неретко четници биле и постари искусни членови на организацијата.
Создавањето на овие вооружани чети потекнувало од замислата тоа да прерасне во народно востание, во мигот кога ќе пламнат востаничките пушки. Тешкиот живот на сиромашниот македонски селанец, кој постојано бил прогонуван и оптоваруван со преголеми и нереални барања, животот исполнет со страв и несигурност го упатувал на непрестајно барање на некаква заштита. Затоа организацијата била прифатена со радост, а четите станувале насушна потреба за нашиот селанец. Припадниците на организацијата биле народски луѓе кои дење работеле на полињата, а ноќе биле на смени за да ги чуваат своите села од упади на пљачкосувачи и зулумќари. Меѓутоа, посебна опасност од зулумќари им се заканувала на рамничарските села, меѓу кои најопасен бил Мустафа Гаури, кој имал чифлик во Агино Село, но раководел со голема група качаци кои слетувале од Карадак и на чело со него упаѓале во селата. Селската чета, на пример во Пчиња, која во 1901 и 1902 година броела дванаесет вооружани селани, ги дочекала Мустафа и нивните качаци и во судирот успеала да победи четири зулумќари, па Мустафа си ги собрал своите луѓе и си заминал во Агино Село, а повеќе никогаш не се вратил на тој пчињски „осилник“. Ова чета била под раководство на Данко Георгиевски и ги бранела и селата Клечовце, Јачинце и тоа мошне успешно.
Секако дека, востанието од 1903 година не пламнало во Кумановскиот регион, но сите чети крстосувале по теренот на Куманово и ги вознемирувале Турците, кои не можеле да ја поднесат нивната истрајност во борбата за слободата. Иако четите за поголемите зафати биле послабо наоружани, сепак нивната организација на крстосување во помали акции дала свој придонес на востанието кое во овој крај не било навреме подготвено. Во тие судири и борбите со Турците по Илинденското востание (1904-1905), па сè до Младотурската револуција изгинале на десетина борци -припадници на организација што ја создавале Гоце Делчев, Даме Груев и други и на вооружените чети чие влијание од ден на ден сè повеќе ќе расте и ќе станува фактор за кој сите морале да водат сметка.
По Втората светска војна Куманово имало дваесетина илинденци што добиле Илинденска споменица, како активни учесници во борбите против Турците во перидот од 1900-1903 година, а сите учествувале и во вооружените судири што потоа се воделе се` до протерувањето на османлиите од Македонија. Иако историјата можеби била шкрта со обработката на овие настани, сепак останале знамето на Кумановската чета и печатот на организацијата, како и хумките на кумановци не само по Кумановското поле, туку ширум Македонија.
(Извор: Боро Чушкар - „Борбено Куманово 1919-1941“)