Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Одломка од публикацијата „Кумановска кафеана“ од Димитар Масевски објавена во јубилејнот број на списанието „Корени“ бр.50
Во периодот помеѓу двете светски, за време на Кралството Југославија, угостителите од Куманово масовно и мошне свечено и весело ја прославуваа својата слава „Свети Трифун“, на 14 фебруари секоја година, кога секој од нив со влог даваше продонес за што подостојно нејзино одбележување. Интересно е да се забележи дека Скопската пивара, која својата работа во Македонија, во Скопје ја започнува во 1924 година , за секој празник на кафеџиите, или кога се одржуваше годишно собрание на еснафот, до Угостителската комора на Куманово донираше гратис по 2 хектолитри пиво. Многу често Комората, наместо пивото да го раздели бесплатно на кефеџиите, им го продавала како би ги покрила своите трошоци во работењето.
Плакат за одбележување на „Свети Трифун“ славата на угостителските работници. Сметка за прославата во 1927 година во хотелот „Гранд“.
Oсвен Скопската пивара за „Свети Трифун“ редовно донирала и Лесковачката пивара. По еден сочуван список од 1921 година се гледа дека 106 членови на Механџиско кафеџискиот еснаф за прославата на „Свети Трифун “ собрале 1044 динари, а прославата се организирала во една од градските кафеани.
Скопско пиво, трета деценија на XX век
Инаку, долго време, и во најголем број на случаеви, во кумановските кафеани најчесто пиење беше виното и ракијата, и тоа многу често од домашно производство. По наши сознанија ракијата, посебно сливовата била доминантна во кумановската кафеана се до шеесетите години на 20 век. и како што велат во „Бисерка“ таа се набавувала главно од Србија. Помала потрошувачка имала Клековачата, а симболична била потрошувачката на коњакот. Поголема потрошувачка на пиво се забележува по основањето на Скопска пивара во 1924 година, кога Куманово сејавува како солиден потрошувачки центар зашто Пивара во Куманово гради своја Ледара и складиште во горниот дел на градот, во близина на Пиротското маало.
По Втората светска војна, поради атеистичкиот карактер на новата власт, беше прекината оваа долгогодишна традиција на кумановските хотелиери, меанџии, гостилничари, кафеџии, анџии и сите оние што точат пијалоци, во прослава на својата еснафска слава „Свети Трифун.
Стовариште и ледара на Скопска пивара на улица 1.мај во Куманово