Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Милан вечерва на „Камп Ноу“ против Барселона ќе ја брани предноста од 2:0 остварена на првиот дуел од осминафиналната фаза во Лигата на шампионите.
Каталонците не се во добар период, откако претрпеа два порази од Реал Мадрид за само една седмица, а претходно ,„паднаа’’ и на Сан Сиро. Сепак, Жерард Пике верува во својот тим.
Чувствувам дека ќе го анулираме заостатокот од „Сан Сиро“ и дека ќе се пласираме во четврт-финалето од Лигата на шампионите. Верувам дека ќе можеме да ги стигнеме тие два гола минус затоа што сме правеле и поголеми пресврти од тоа - изјави Пике.
Капитенот на Милан, Масимо Амброзини очекува тој и поискусните негови соиграчи да допринесат за одбивање на првиот противнички бран.
Располагаме со играчи кои се искусни и имаат играно многу вакви натпревари. Доколку го одбиеме првиот налет на домаќините, тогаш ќе биде полесно. Нашата шанса се контра-нападите - изјави Амброзини.
Тренерот на Милан се соочува со проблеми пред денешниот натпревар. Покрај тоа што не може да смета на Балотели, кој нема право на настап во Лигата на шампионите за „росонерите“, во таборот на италијанскиот тим нема да биде ниту Пацини, кој се повреди во петокот.Освен средбата во Барселона, вечерва се игра и реваншот меѓу Шалке и Галатасарај. На првиот дуел одигран во Истанбул резултатот беше 1:1.
Почетокот на двата натпревара е во 20:45 часот.