Кривични пријави против пет лица за изнуда и перење пари, четворица се приведени еден е недостапен
Поднесени се кривични пријави за пет лица за кривични дела „изнуда“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Четворица се приведени, а еден е во бекство.
Во координирана полициска акција сузбиена е петчлена организирана криминална група од Куманово. Приведени се Д.П.(37), Л.К.(73), М.К.(27), Д.Ж.(43), сите од Куманово, а З.Р.(35) од Куманово е недостапен за органите на прогонот.
Во текот на вчерашниот ден извршени се претреси на шест локации на подрачјето на Куманово. При претресите се пронајдени и одземени меѓусебни договори за заем со нереално високи камати, договори за солемнизација на недвижен имот, поголема сума финансиски средства, патнички моторни возила, мобилни телефони и други електронски уреди.
Според МВР, од досега обезбедените сознанија, од 2021 година осомничениот Д.П. формирал група со цел вршење кривични дела. Во еден од случаите, со намера да прибави противправна имотна корист, Д.П. заедно со З.Р. принудувал оштетено лице да преземе дејствија на штета на својот имот.
„Имено, во текот на 2023 година, оштетеното лице побарало заем во износ од 4.000 евра од Д.П.,. Со усмен договор било утврдено дека заемот ќе го врати во рок од еден месец, со камата од 2.500 евра. Иако бил вратен договорениот износ во целост, Д.П. побарал од оштетеното лице да ја користи својата банкарска сметка за фиктивни уплати и повлекувања на парични средства, по што започнал да упатува закани и барал патничко моторно возило да биде ставено како наводен залог за идни фиктивни долгови, кои требало да послужат како покритие за трансферите на парични средства преку сметката“, соопшти МВР.
Понатаму, според сомневањата, по налог на Д.П., кај адвокат од Куманово бил изготвен фиктивен договор за купопродажба на возилото, при што бил фалсификуван потписот на оштетеното лице како заемопримач. Потоа, во истата адвокатска канцеларија бил изготвен и фиктивен договор за заем на парични средства во износ од 1.000.000 денари, кој исто така бил заверен во истата нотарска канцеларија.
Фиктивниот договор за купопродажба бил употребен како вистински документ, врз основа на што била извршена промена на сопственоста на возилото на име на З.Р. и била издадена нова регистарска ознака. Во однос на наводниот долг од 1.000.000 денари, врз основа на лажната исправа била поведена постапка за извршување, по што на оштетената ѝ била блокирана банкарската сметка.
Во друг случај, друго оштетено лице во два наврати позајмил парични средства од Д.П. во износ од 180.000 денари. За заемите биле склучени два договора за заем со Л.К. и Д.П.. Иако оштетениот ги вратил позајмените средства на Д.П., тој побарал дополнително да му биде исплатена камата, соопшти МВР.