Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мислам дека тоа ќе биде одличен натпревар. Компактни тимови со одлични индивидуалци, кои во секој напад бараат гол. Имаат енергија и играат за око. Инаку, не помалку добра фудбалска претстава во едно финале би пружиле и една Хрватска и Шпанија, - вели Бобан Николовски, член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Го следите ли Светското првенство во фудбал во Русија?
Како страствен љубител на спортот генерално, посебно на фудбалот, оној врвниот, Светското првенство во фудбал го следам со огромно внимание. Сепак, нели, зборуваме за "најважната споредна работа на светот " чија магија знае да предизвика кај човекот чувства на бескрајна радост, но и тага.Тоа се мигови кои често знаат засекогаш да останат врежани во сеќавањата на искрениот љубител на фудбалот. Воедно, Светското првенство е причина повеќе за незаборавни дружења со пријателите, за меѓусебни коментари, прогнози и "дуели" после кои едната страна секогаш завршува пресреќна, а другата по правило "повредена". Се трудам, колку што обврските ми дозволуваат, да проследам што поголем број на натпревари и морам да признам дека до сега некако одлично ги менаџирам работните и домашните обврски со термините за одигрување на натпреварите.
За кого навивате?
Според мене, една работа е да навиваш за некого, бидејќи оној за кого навиваш го сакаш од срце и душа. Неговите победи те прават пресреќен, а поразите тешко ги поднесуваш. Оној за кого навиваш знае да предизвика морници да ти поминуваат низ телото додека го гледаш. Сосема нешто друго е да следиш натпревар посакувајќи да го исполниш времето гледајќи фудбалски мајстории, многу голови, да ги следиш омилените мајстори на фудбалската игра.Јас навивам единствено за Македонија и за Вардар.Се надевам во блиска иднина дека ќе можам да навивам за Македонија на едно светско првенство. Бидејќи ме прашавте за кого навивам, Ви кажав. Но бидејќи мислевте за ова Светско првенство, можам да кажам дека со внимание следам повеќе репрезентации. Би ги издвоил Белгија, Хрватска, Мексико, Србија, Бразил, Шпанија. Ми се допаѓа нивниот начин на играат. Мое видување е дека малку повеќе ја посакуваат победата од нивните противници, носат некоја посебна енергија како екипи, секој напад им е напад со желба за гол а не за тактизирање. Некако ми изгледаат како помотивирани од останатите екипи.Тука би ја ставил и екипата на Нигерија. Физички спремни а млади и мотивирани. Сигурно некој ќе зажали што им застанал на мегдан.
На кого типувате дека ќе ја освои титулата?
Не сум познат како добар прогнозер. По она што досега го видов, мое скромно мислење е дека Белгија и Бразил би била една одлична и незаборавна финална фудбалска претстава во кое јас би типувал и би посакал победа на Белгија.
Како сте задоволни од она што досега го покажаа репрезентациите?
Сосема добри фудбалски натпревари имаше до сега.Нешто во рамките на очекувањата додека трае фазата по групи. Некои екипи одат на гол повеќе и тоа е она вистинското за нас љубителите на фудбалот. 90 минути акција. Некои, пак, тимови повеќе тактизираа и по постигнат гол играа на резултат или бараа бод надевајќи се на поправен во наредните натпревари од групата.Генерално гледавме добар фудбал до сега со тоа што очекувам она вистинското да го видиме во натпреварите откако ќе заврши борбата по групи.Таму нема поправен испит и само гол повеќе од противникот се признава и води кон посакуваната цел. Едно е сигурно, ќе има зошто да се следат натпреварите, ќе има што допрва да се види.
Кого сакате да видите во светското финале?
Претходно напоменав дека посакувам финале помеѓу Белгија и Бразил. Мислам дека тоа би бил одличен натпревар. Компактни тимови со одлични индивидуалци. Во секој напад бараат гол. Топката секогаш оди напред. Имаат енергија. Играат и за око. Инаку, не помалку добра фудбалска претстава во едно финале би пружиле и една Хрватска и Шпанија.
Се нервирате ли кога губи тимот за кој навивате?
Во права смисла на зборот, се нервирам само кога губи Македонија и Вардар. Сето она друго што го следам генерално како спортски натпревар, конкретно сега, натпреварите од Светското фудбалско првенство ги следам релаксирано, со задоволство, очекувајќи дека од натпревар во натпревар ќе бидам поисполнет и позадоволен од прикажаното, дека ќе видам што повеќе голови, добри игри, магични потези од страна на фудбалските генијалци. Едноставно, ги следам од задоволство.
Со кого најчесто гледате фудбал?
Зависи од обврските кои во моментот ги имам, специфичното работно време пред се. Секако дека вистинско задоволство е добра фудбалска утакмица да се гледа во друштво со пријателите. Но, не преферирам тоа да биде во некој локал. Со друштво и пријатели да, но во домашна атмосфера.Тогаш можам да кажам дека навистина сум го гледал натпреварот. Многу често фудбалски натпревар знам да следам и во друштво на мојата сопруга. Таа исто така е солиден фудбалски фан, така да ако не сум организиран со пријателите, дома сопругата ми е друштво за следење натпреварите. Морам да признам дека честопати излегува подобар прогнозер од мене. Но, и тоа има своја убавина и носи задоволство. Жените пореално гледаат кон фудбалот, без премногу моции, без еуфорија, така да коментирање на настаните за време на натпреварот со нив е нешто сосема друго, различно, а позитивно како искуство.