Јавниот превоз во Куманово поскапува за 15 денари, ќе се укинат седум автобуски линии
Советот на Општина Куманово донесе одлука за уредување на општинскиот линиски превоз на патници во Куманово, бидејќи до крајот на годината завршуваат договорите на сегашните превозници.
Одлуката ќе важи од 1 јануари 2027 година, а новина е зголемување на цените на билетите за 15 денари и укинување на 7 автобуски линии.
На територијата на општина Куманово постојат 6 зони, цената е формирана од должината на линијата, а зголемувањето е од 20 до 35 отсто во зависност од зоната.
Раководителката на Секторот за комунални работи, Лида Ланг Спасовска, вели дека цената на превозот не е променета од 2019 година и дека превозниците повеќепати барале таа се усогласи со зголемените трошоци на енергенсите и минималната плата.
„ Првата зона е до 4 километри и билетот ќе чини 50 денари, втората до 7 км. – 60 денари, третата до 10 км – 80 денари, четвртата до 15 км. – 100 денари, петата зона до 20 км. - 120 денари и за шестата зона до 30 км ќе се наплаќа по 140 денари, цените се без вклучен ДДВ. Автопревозниците се должни да ја унифицираат и усогласат цената по зони, врз основа на методологијата. Напоменувам дека овие цени се максимални и не значи дека ќе бидат реализирани на терен“, вели Ланг - Спасовска.
Опозицијата жестоко се спротивстави на одлуката, сметајќи дека тоа дополнително ќе го оптовари буџетот на граѓаните. СДСМ предложи амандман со кој бараше цената да се зголеми откако минималната плата ќе достигне 36.000 денари, што не беше прифатено од мнозинството.
Советникот на ДУИ, Хузеир Мустафи, потсети дека едно од главните ветувања во предизборната кампања на градоначалникот беше бесплатниот превоз, кој прво се укина, а сега се предлага да се зголеми.
„Да им се кажеше на граѓаните дека ќе го укине бесплатниот прево и ќе ги зголеми цените на превозот и другите комунални услуги, сега немаше да биде градоначалник“, кажа Мустафи.
Тој посочи дека во одлуката не е наведена неопходноста од модернизација на возниот парк, бидејќи се возат едни те исти автобуси, кои се во многу лоша состојба, но вршат превоз на патници.
„Се е старо само цените се нови“, кажа советникот и најави дека ти нема да ја поддржат одлуката.
Советникот на НСДП, Благојче Јаќимовиќ, вели дека цената на билетот не се зголемува поради градскиот превоз кој го користат мал број на граѓани, туку поради бесплатниот превоз на учениците во основните и средни училишта, кој го плаќа државата. Тој смета дека на тој начин ќе се одлеат големи пари на сметка на приватните превозници.
„За превозот на учениците минатата година поделивме 90 милиони денари, со новите цени Општина Куманово ќе исплати околу 110 милиони денари, кои ги добиваме од блок дотации од Владата за превоз на ученици. Тоа се наши пари кои се собираат преку даноци кои се слеваат во државната каса и сега нема да ги врати на општината, туку на приватни лица зголемени за 35 отсто во однос на претходно“, изјави Јаќимовиќ.
Советниците имаа забелешки и дека општината ги потрошила парите од продажбата на земјиштето на ЛИДЛ во висина од 5 милиони евра за бесплатниот превоз, а сега ја зголемува цената по притисок на превозниците.
Досега во градот имаше 26 линии, а со новата одлука ќе се намалат на 19 , затоа што, како што кажа Ланг-Спасовска, сметале дека нема потреба од толкав број на линии, бидејќи не се рентабилни.
„Се намалуваат линиите, значи ќе се намалат трошоците на превозниците. Ние се` правиме во интерес на тие компании, ги задоволуваме нивните интереси. Освен тоа дали ќе имаме или немаме линиски превоз, друго ништо не е во интерес на граѓаните. Немаме конкретен возен ред по линии, ништо нема наведено. Само Еко 4 стандард, да има автобуси и да има шофер. Па ај да нема шофер, не може ние тоа да го пишуваме како услов“, кажа советникот на СДСМ, Томица Илиќ, кој најави дека нема да гласа за одлуката.
Советникот Виторио Зафировски, од Левица, пресметал дека намалувањето на возниот ред е дури за 37 отсто, што според него, значи тенчење на превозот и на семејниот буџет до максимум.
„Оваа одлука удира најмногу по категоријата на граѓани кои зависат од овој превоз за извршување на работните обврски“, кажа Зафировски, и додаде дека за три мандати градоначалникот имал време да формира јавно претпријатие и парите од државата да се слеваат во општинската каса.
Новина во одлуката е што редовните студенти и учениците имаат 50 отсто попуст, што беше поздравено од советниците.
Некои од советниците сметаа и доколку не се прифати барањето за зголемување на цената постои опасност превозниците да не се јават на повикот и општината да остане без јавен превоз во наредните 5 години.
На седницата беа кажани и забелешките и незадоволството на граѓаните од градскиот превоз, поради тоа што нема автобуски постојки на сите улици, нема возен ред, нема редовност на одредени линии, нема доволен број на автобуси и комбиња, како и тоа што не се организира превоз во неделите и за државните празници.
Кој ќе го добие тендерот за јавниот превоз во Куманово за наредните 5 години ќе се знае до крајот на декември, откако ќе заврши постапката по јавниот повик.