Дваесет специјализанти ќе се вработат до Нова година, се чека одобрение и за медицински сестри и технички персонал
Во Општата болница во Куманово во изминатите 4 години во пензија заминале околу 170 медицински сестри и друг помошен персонал, а биле примени само осум нови вработени.
Болницата засега добила согласност од Министерството за здравство за вработување на 20 специјализанти, а се очекува одобрение и за ангажирање на среден медицински кадар.
Според директорот Сашо Стошевски, со новите вработувања ќе се зајакне специјалистичкиот тим на лекари во болницата, а со медицинските сестри и другиот помошен персонал ќе се пополнат испразнетите работни места, кои со години не биле обновувани.
„Добивме известување до крајот на годината да вработиме 20 специјализанти и се надевам дека тоа ќе го релизираме. Што се однесува за вработување на среден медицински кадар очекуваме во наредниот период да добиеме согласности, и се надевам дека ќе има интерес и за тие вработувањата. Во последните четири години околу 170 луѓе заминале во пензија, а имаме само осум нови вработувања. Тоа значи дека имаме сериозен дефицит на среден медицински и технички персонал. Кај стручниот кадар, односно кај лекарите, засега не можеме да се пожалиме, освен на одделот за анестезија“, вели директорот Стошевски.

Недостигот од анестезиолози најмногу го погодува одделението за гинекологија и акушерство, па во случаи кога нема анестезиолог, родилките се носат во Скопје.
Стошевски додаде дека овој проблем делумно го надминуваат со повторното ангажирање на еден пензиониран анестезиолог, како и со помош на лекари од скопските клиники, кои ги покриваат дежурствата.
Во 2027 година, двајца лекари ќе ја завршат специјализацијата и ќе започнат со работа во Кумановската болница.