Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Денеска на терен ќе излезат и двете ракометни екипи на Куманово – Женскиот клуб ќе игра уште еден контролен дуел со екипата на Металург Скопје, а мажите со истата екипа од главниот град ќе одиграат натпревар од првата рунда во Купот на Македонија.
Во терминот од 18.30 часот, МРК Куманово гостува кај Металург откако првично беше одлучено средбата да се игра на домашен терен, но во нашиот град нема спортски објект кој ги исполнува условите на ракометната федерација. Машкиот тим моментално е дел од Втората лига и е во „пролетната фаза“ пред плеј-оф средбите кои водат во елитата. Доколку Куманово успее да слави против скопскиот гигант, кој најверојатно ќе излезе во променет состав со играчи од клупата, ќе биде дел од група со други три клубови.
Еден час подоцна, ЖРК Куманово ќе полага нов контролен испит по ред, по првиот неуспешен на гостински терен – натпреварот заврши со 28:26 за Металург. Ракометарките се во процес на подготовките и одмерување на силите, пред првиот дуел во националниот Куп на 6-ти март со тимот на ЖРК Гевгелија.
Директен пренос од натпреварот на МРК Куманово и Металург Скопје ќе врши официјалниот Јутјуб канал на Ракометната федерација на Македонија.
(Д.Д.)