Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Женскиот фудбалски клуб „Речица“ од Куманово, ги подобри услови за тренирање, откако инвестираше во реновирање и опремување со мебел на просториите во зградата која е во состав на стадионот во селото.
Сега за потребите на спортистите има нова спална, мини кујна и трпезарија, реновирани соблекувални, а во подготовка е и отворање на теретана, што е мотив повеќе да се работи со поголем елан пред новата сезоната. Раководството на клубот со скромни средства од ФФМ и голема помош од месното население успеа малиот стадион да го подигне на повисоко професионално ниво.
„Женскиот фудбалски клуб тренира во понеделник, среда и петок во вечерен термин, потоа преспиваат тука, одржуваме утрински тренинзи по што децата се слободни до следниот тренинг. Со тоа нема губење на време во пат, вечерните седенки ги зближуваат децата и се гради тимскиот дух, а истовремено се максимизираат тренинзите во овој подготвителен период“, изјави Валентин Стоиловиќ, тренер на клубот.
Женскиот фудбалски клуб има две екипи, сениорски и младински, и во нив тренираат околу 40 деца. Имаат играчи од Куманово, од селата Алгуња, Студена бара, Пчиња, Табановце, Горно Коњаре, Романовце, Бабин Дол на возраст од 14 години до 20-21. Оние фудбалерки кои се на возрасната граница од 13, 14 години играат натпревари и за сениорската и за младинската екипа.
„Можам да се пофалам дека и во Македонија, а можеби и пошироко, во целиот тим децата се само наши, кумановски, немаме играчи од страна. Другите клубови имаат доведено играчи од Србија претежно, Босна, има и од САД, дури и од Бразил. Се случува на натпреварите во прва лига да наши четиринаесетгодишни деца играат против играчи од странство кои имаат по повеќе од 30 години“, објаснува Стоиловиќ.
Раководството на клубот сака да го промовира женскиот клуб, затоа што само во Речица има таков клуб. Играат во првата национална лига, првенството го завршиле на седмото место, од 12 тима. Со почетокот на есенскиот дел на државното првенство бројот на клубови кои настапуваат во првата лига се намалува на 10.
Прават напори да се изборат за поголеми средства и кај општинските и кај државните власти, за да можат да ги задржат играчите во сениорскиот тим.
„Играме со млади деца, кога ќе наполнат по 18-19 години почнуваат притисоците од дома „доста играше од љубов, најди работа, вработи се и почни да се средуваш“. Сакаме да можеме на играчите од сениорскиот тим да исплаќаме барем некои скромни средства, за да можеме да ги задржиме. Тие кога ќе созреат како играчи, ќе го совладаат тактичкиот дел, ќе формираат своја играчка техника и ќе созреат како спортисти престануваат да доаѓаат“, истакнува тренерот.
Секојдневните тренинзи се мотивација за сите деца од селото да се приклучат на тимот. ЖФК Речица сега има осум новозапишани девојчиња од 1 до 6-то одделение, кои се поталентирани и подобро играат од своите машки врсници, по оценка на стручниот штаб. Одговорните сметаат дека во нив има потенцијал, имаат и мотивација, ги гледаат повозрасните, сениорскиот тим и се угледуваат на нив. Сите играчи се послушни,вредни, тренираат редовно, не отсуствуваат и не ги избегнуваат тренинзите.
Клубот се финасира со 400 илјади денари добиени преку Општинскиот сојуз на спортови и ваучер од Агенцијата за млади и спорт во вредност од 900 илјади денари. Претходните три години од АМС добивале минимални средства,за 2023 се предвидени нешто повеќе и сега се во процедура за уновчување на истиот.