Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На неколку дена пред завршување на светското првенство во фудбал во Бразил, се покажа дека фудбалот е најважната споредна работа на светот.
Речиси еден месец се беше подредено на фудбалската треска. Кафеани, ресторани, клубови, домови се пулсираше во ритамот на фудбалот. Кумановци со голем жар го следеа мундијалот и навиваа за своите фаворите. Мислењата се поделени кој ќе седне на победничкиот трон. Додека едни даваат предност на европските репрезентации кои влегоа во полуфиналето, други го преферираат латино-американски фудбал. Германиците имаат најмногу шанси според анализите на кумановци кои ги прашавме, потоа се Холандија и Аргентина, па на крај Бразил.
Игор Божиновски, раководител во Централен регистар Куманово, вели дека е пасиониран вљубеник во фудбалот и се додека македонската репрезентација не се квалификува на еден ваков голем настан, неговите симпатии ќе бидат за Германија и Италија.
Стандардно Германците ја потврдуваат својата класа на големите натпеварувања, нивната замисла и концепција за оваа игра и овојпат донесе резултат и мислам дека се главни фаворити за освојување на “златната божица”. За разлика од многумина, јас очекувам европско финале на првенството. Холандија е мојот втор финалист, имаа осцилации во играта, но мислам дека уште не го имаат дадено максимумот. Ако некоја репрезентација "ги купи" сите неутрални фанови на оваа првенство, тоа е Чиле. Таков фанатизам и борбеност за боите на својата држава одамна се немаше видено и заслужија да имаат повеќе среќа во пенал-рулетот со Бразил. Босна и Херцеговина имаше капацитет да биде – хит на шампионатот, меѓутоа кардиналната грешка на судиската тројка во мечот со Нигерија оневозможи Џеко и другарите да ги оправдаат очекувањата кои во нив ги имаше фудбалската јавност. Шпанија е убедливо најголемото разочарување на шампионатот, а ништо покуси не се Италија и Англија. Имало гужва во авионот за враќање “преку барата” после групната фаза на првенството- вели Божиновски. Тој додава дека на ова првенство повторно се видела разликата во квалитетот на судиите што доаѓаат од Европа и судиите од другите континенти, а како одлична новина ја издвојува технологија за електронско скенирање на гол-линијата.
На Зоран Лазаревски, сопствeник на пицеријата Помодоро и поранешен голман, уште од пред почетокот на светското првенство фаворит му е Аргентина.
Првенствено поради искуството на играчите, а потоа и како екипа и како поединци се посилни за нијанса од другите. Тешко примаат голови а имаат најмалко 5 играчи во тимот кои имаат капацитет индивидуално да го решат натпреварот. На крај за нив игра и најдобриот играч во светот Меси. Според мене финалниот натпревар ќе го играат Аргентина и Бразил, а најголемо разочарување е Англија. Најдобри играчи до сега се голманот на Германија Ноер и Меси од Аргентина,- вели Лазаревски.
И тој има забелешка за судењето на некои од судиите.
Судиите во неколку наврати во најмала рака имаа дискутабилни одлуки, кои на некои натпревари, може да се каже, директно влијаеа на резултатот. По мене најголем проблем на ФИФА и е тоа што сака да има застапеност на судии од сите континенти. Судиите од Европа и Јужна Америка си ја завршија работата како што треба за разлика од Аустралијанецот и Јапонецот, кои поради слабите лиги во нивните држави директно влијаеа на резултатот на натпреварите што ги судеа- додава Лазаревски.
Виктор Божиновски, раководител во Секторот за правни работи во Општина Куманово, навива за Бразил, но смета дека Аргентина ќе го освои светското првенство.
Бразил има проблем со повредените Нејмар и Тиаго Силва, Германија со Швајнштајгер и Семи Кедира, а Холандија има премногу неискусна екипа и покрај ѕвездите Ван Перси, Кујт, Снајдер и Робен. Колумбија имаше извонредна репрезентација предводена од извонредниот Хамес Родригез, но несреќно изгубија од домаќинот Бразил во натпревар во кој беа преимпресионирани од противникот. Родригез со својата игра стекна светска мега-популарност со своите одлични игри и 6-те постигнати голови. Најголемо разочарување е бившиот шампион Шпанија која не личеше на себе на овој шампионат, -вели Божиновски.
За Бобан Николовски, шеф на царинската испостава Деве Баир, фаворит на првенството, и воопшто, е Холандија, кога Македонија не е во игра.
Играат тимски фудбал, допадлив на око, напаѓачки. Шпанија и Италија се доказ дека се е можно на првенството, но јас посакувам финале Холандија - Бразил. Според мене незаслужено од првенството испадна Чиле. Покажаа многу. Имаат срце пред се, но и тактички и физички беа многу подготвени. Требаше да одат барем за скала повеќе. Од играчите засега најмногу на првенството покажа, според мене Робен, но зависно од тоа колку високо ќе оди Аргентина Меси е секогаш тука за да биде играч на првенството. Разочара, секако Шпанија што гледано од овој агол е можеби и логично. Со години владееја. Потрошени се или подобро кажано презаситени. Им треба нов бран играчи во репрезентацијата, помотивирани. За судиите на првенството накратко-очекував многу подобро да си вршат работата- смета Николовски.
Спортски новинар Стефан Николиќ, титулата ја гледа кај селекцијата на Германија врз основа на досега покажаната игра, а националниот тим на Костарика е најголемо изненадување на првенството.
По мое убедување во финалето со Германија ќе игра Холандија, која ќе го загуби натпреварот. Родригес од Колумбија покажа најмногу. Сепак ова е полуфинале каде што победникот може да се добие по некој индивидуален потег, без да има посебно добра игра, а сите полуфиналисти имаат голем број играчи кои индивидуално имаат одлични квалитети. Судењето е доста дискутабилно, и долга е листата на оштетени репрезентации - вели Николиќ.
Срѓан Ивановски, правник во ФЗО, за фаворит ја смета Холандија, откако испаднала селекцијата на Англија. Тој го сака англискиот стил на игра.
Мое предвидување за финале е Германија - Холандија. Натпреварот би требало да биде круна на светското првенство, судир на две фудбалски филозофии, две фудбалски школи, препознатливи во светски рамки и победа за Холанѓаните. Холандија е доста несреќна репрезантација на светските првенства која има играно 3 финалиња во минатото, а која нема освоено светска титула. Време е малерот да се разбие и Холадија заслужено да дојде до прва светска титула. Според мое мислење незаслужено испадна Босна и Херцеговина, на која и беше поништен регуларен гол. Најдобар играч на првенството е без сомнение е младиот фудбалер на Монако, Хамес Родригес од Колумбија. Најголемо разочарување на светското првенство е актуелниот светски и европски шампион Шпанија, која важеше за еден од главните фаворити за освојување на светското првенство 2014 година. Сметам дека судиите на оваа светско првенствено, особено од Европа, беа на висина на задачата, додека судиите од останатите континенти со своите одлуки и убедувања директно влијаеја на понатамошниот пласман за неколку од репрезентации,- вели Ивановски.
Спортскиот новинар Бошко Тасиќ, не сака да издвои која репрезентација од големата четворка ќе го освои првенството, но признава дека најголемо разочарување на мундијалот е Шпанија.
Навивав за Англија со констатација дека пехарот на Зил Риме сепак ќе остане на Јужно Американскиот Континент, пред се поради фактот дека се игра пред домашна публика без разлика за која држава станува збор, но и поради климатските услови кои владеат во Бразил, пред се големата влажност во воздухот. Искрено не знам, а и не благодарно е да се типува, затоа што подеднакви шанси имаат сите четири репрезентации. Пред се посакувам добар фудбал со погодоци, па нека победи подобриот. Според мене незаслужено можеби испаднаа, Мексико и Колумбија, кои го одиграа најубавиот фудбал за око во досегашниот дел од првенството. Тие не тактизираа во ниту еден момент, а двете селекции елиминирани се особено Мексико по судиски грешки кои директно влијае врз резултатот. Еден млад фудбалер ги засени големите имиња од сенка со неговите настапи на сите средби, но за жал неговата Колумбија е елиминирана. Хамес Родригез, кој досега постигна 6 погодоци, од кои особено еден ќе се памети, и ремек делото против Уругвај во осминафиналето, сигурно дека ќе биде во комбинација за најубав погодок на овогодинешниот мундијал - вели Тасиќ.
И тој смета дека некои од судиите, обвија во црно некои репрезентации, а нивните видливи грешки директно влијае врз резултатите и конечниот исход на средбите.
Дарко Станојковски, раководител на Одделение на јавни набавки во Општина Куманово, смета дека Мундијалот во Бразил на површина исфрлил неколку екипи за кои никој не се надевал дека ќе можат да стигнат до фазите до кои стигнаа.
Пред почетокот на светското првенство мој фаворит беше Италија, како фан на Јувентус. Но со оглед на тоа дека мојот фаворит испадна ми останува сега да ги следам полуфиналните дуели во кои се среќаваат Бразил и Германија и Аргентина и Холандија. Моето предвидување е дека ќе имаме латино- американско финале, односно дека Бразил на домашниот терен и Аргентина со оглед на играчкиот потенцијал, ќе успејат да извојуваат победи и да се сретнат во финалето. Јас искрено повеќе би сакал да гледам европско финале, особено што Аргентина е репрезентација која најмалку ја ценам. Судиските грешки одлучија некои од натпреварите порано да си заминат, но во тоа е дражта на фудбалот, судиските неправди на колена ја фрлија и Италија. Шпанија е најголемо разочарување, а изненадување Костарика. За најдобар играч рано е да се зборува меѓутоа оној што најмалку го сакам како играч по повредата на Неимар, тоа е Меси - вели Станојковски.
Советникот Александар Петров на шампионскиот трон ја гледа Германија, а жали што од понатамошните натпреварувања испаднала селекцијата на Костарика.
Во финале ќе играат Германија и Холандија. Германците ќе победат со резултата од 2:0. Најдобар играч на првенството е Тони Крос. Најголемо разочарување за мене е Англија. ФИФА одлично го организираше и ова светско првенство, само ја утна работата со судиите. Судењето не беше на светско ниво, туку едно големо промашување на директна штета на поеднини репрезентации - вели Петров.