Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ракометниот клуб Карпош - Вардар од Куманово ќе го одржи четвртиот турнир кој оваа година има меѓународен карактер. Покрај младите ракометари, на турнирот ќе се одржи ревијален натпревар помеѓу ветеранките на Куманово.
Покрај домаќинот Карпош Вардар, на турнирот ќе настапат уште екипата на Илинден од Скопје, селектирана екипа од академијата Вардар и тимот на Аероспос Едесас од Едеса, Грција.
За разлика од минатите три години оваа година турнирот е на едно повисоко ниво. Имаме гости од соседна Грција, и се надевам дека ова ќе биде едно големо искуство за сите млади ракометари. Натпреварувачите се од генерација родени 2004 година и помали, а ждребката ќе се одржи пред почетокот на настанот, по што ќе бидат познати и полуфиналните двојки - изјави Миодраг Јовановски - Црни, тренер во тимот.
Тој оваа година прославува 35 години тренерска кариера, па по тој повод решил да организира и егзибициски натпревар помеѓу ветеранките на Куманово.
Мојата кариера е врзана за женскиот ракомет, па по тој повод оваа година организираме и еден натпревар помеѓу сите ракометарки кои настапувале во ЖРК Куманово, без разлика дали јас сум бил тренер во тој период или не. Ги повикувам сите поранешни ракометарки да дојдат и да се потсетат на своите ракометарски денови. - додава Јовановски.
Полуфиналните натпрвари на турнирот започнуваат до 10 часот. Егзибициониот натпревар помеѓу ветеранките на Куманово е закажан за 12 часот. од 15 часот се игра натпреварот за трето место, а веднаш по тоа и финалето на турнирот.
Голема благодарност до сите спонзори, Палас Гарден, Бар Версус, Слаткарница Грими, Скара кај Жмара, Кооп инжинеринг, како и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој свечено ќе го отвори турнирот. Ги повикувам сите љубители на ракометот да дојдат и да ги проследат натпреварите - заклучи Јовановски.
Турнирот ќе се одржи во салата на економското училиште Перо Наков.