Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ракометарките на Куманово успешно ја отворија проелтната сезона во суперлигашката елита со победа на домашен терен против незгодниот состав на Пелистер од Битола со 28-27.
Победата на избраничките на Зоран Јосимовски е заслужена, бидејќи домаќинот во текот на целиот натпревар имаше поштојано водство.
Во првото полувреме домашниот состав одигра одлично во нападот и имаше водство кое во еден момент изнесуваше и 4 гола разлика. Во вториот дел Куманово продолжи во ист ритам и предводени од одличната Боризовска во еден момент имаше резултат од 23-17, што беше најава за сигурна победа.
Меѓутоа во финишот на мечот дојде до пад на концентрацијата на тимот, како и неколкуте грешки, што придонесе Пелистер да се закани во финишот на мечот.
Во решавачките моменти екипата беше на висината на задачата, а Трајковиќ го постигна победоносниот гол. Овој триумф е многу важен за продолжението на шампионатот, а воедно го искачи Куманово на второто место на табелата.
Натпреварот се одигра во салата на оу Христијан Карпос пред полни трибини, а публиката на крајот со заслужен аплауз ги испрати своите миленички за остварената победа.
Во екипата на Куманово со ефикасноста се истакнаа Пеовска со 7 гола, Боризовска го заврши натпреварот со 6 гола, додека Кипријановска погоди 4 пати.
Секако треба да се спомене и одличниот голман Наумоска која одлично го чуваше голот во текот на целиот мец.
Во екипата на Пелистер најрасположена за игра беше Величковска со 7 гола.
За ракометарките на Куманово нема одмор, па така веќе во четврток имаат нов настап во домашното првенство пртоив Деспина на домашен терен во 19:30 часот.
Убави вести пристигнаа и од пионерскиот состав на Куманово кој го пречека тимот на Ѓорче Петров каде забележаа сигурна победа од 16-10.
Пионерките на Куманово во првото полувреме имаа постојано водство, а благодарејки на ефикасноста првите 30 минути ги решија со водство од 8-4.
Во продолжението немаше ништо ново на теренот, Куманово со рутинска игра го одржуваше стекнатото водство, за да на крајот забележи победа од 16-10.
Во победничкиот состав на пионерките се истакна Тоневска со 4, како и Владевска и Јакимовска со по 3 гола.
Со оваа победа пионерките на Куманово ја потврдија првата позиција на табелата и најавија нова успешна сезона во својата конкуренција.