Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарскиот клуб Куманово поради лошата финансиска состојба ги откажува настапите во регионалното првенство.
Денеска преку соопштение тие ја известија јавноста дека состојбата во клубот не е на завидно ниво, така да ќе мораат да ги одкажат настапите на меѓународен план, со цел задржување на играчкиот кадар и фокусирање на домашното првенство.
Соопштенито ви го пренесуваме во целост.
Почитувани,
Ве информираме дека КК Куманово нема да продолжи да се натпреварува во Балканската БИБЛ лига од оправдани причини.
Поради намалување на финансиската подршка од страна на Општина Куманово, клубот не е во можност да ги подмири тековните трошоци за натпреварување во оваа лига, за што искрено жалиме.
Како ново раководство, сакаме реално да ја согледаме финансиската состојба во клубот која не е на завидно ниво, но мораме да ги определиме и приоритетите за делување во наредниот период.
Согласно со тоа, прв приоритет ни се редовните обврски кон постоечкиот играчки кадар, како и кон Македонската Кошаркарска Федерација, како и други субјекти поврзани со патувања, сместување и др.
Со оваа одлука создаваме услови за целосно посветување на натпреварувањето во Првата македонска лига, во кое амбициите ни остануваат исти, а тоа е пласман во Супер лигата, но со напомена дека ќе се даде акцент на млади домашни играчи кои ќе бидат база за наредните сезони.
Во секојдневни преговори сме со потенцијални спонзори кои се подготвени да помогнат во подобрувањето на финасиската состојба. Исто така, работиме и на изготвување на четиригодишен план за спортски и финасиски развој на клубот.
Ја замолуваме нашата верна публика да го разбере овој тежок момент и да ни даде подршка во наредниот период да излеземе посилни од оваа ситуација и да се вратиме на победничките патеки заедно.
Со почит,
КК Куманово.