Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Женската екипа на Атлетскиот клуб Куманово освои прво место на Сениорскиот куп на Македонија, а машката екипа заврши како второпласирана. За успехот да биде поголем женскиот тим трета година по ред го освојува државниот куп, севкупно ова им е шеста титула.
Купот на Македонија за сениори и сениорки се одржал на Националната арена Тодор Проески во Скопје, а на него учествувале повеќе од 20 клуба и 120 атлетичари.
„Со 410 бодови нашата женска екипа е апсолутен победник, само за илустрација второпласираниот тим имаше 293 бодови. Овој натпревар за разлика од претходните години имавме многу киксови, а малку самонадминувања со лични рекорди, така што сме задоволни од постигнатиот успех“, истакна Филип Колевски, тренер во клубот.
За женската екипа учествувале: Матеја Ефремовска, Дијана Вукановиќ, Теа Алексовска, Сара Цветановска и Лина Аневска.
За машката екипа настапиле: Марјан Нојковски, Даниел Јосевски, Михаил Стошевски, Марио Пешевски, Марко Ристов, Милош Ранчиќ, Христијан Петрушевски и Леон Златков. На турнирот освоиле 517 бодови.
„Критериум за учество е остварување на норма, строго одредени правила по кои се квалификуваме за учество. Станува збор за елитно натпреварување на кое нема место за спортисти со просечни резултати, што успехот го прави навистина значаен и за поединците, но најмногу за клубот во целина“, објаснува Колевски.
Тренерот гордо констатира дека се можеби најуспешниот клуб во државата, затоа што екипно од последните 11 години, 10 пати се искачиле на пиедесталот.
Атлетската сезона е во полн ек, па летово имаат закажано уште неколку турнири и првенства во државата и регионот. Затоа и продолжуваат со интензивни тренинзи и подготовки за постигнување и одржување на врвна форма за да одговарат на предизвиците.
Во АК Куманово членуваат спортисти од 16 до 37 годишна возраст, нопролмем е што средношолците по матурирањето заминуваат во други градови или држави, каде го продолжуваат школувањето. Тоа е голем хендикеп, но атлетиката нема ексклузивитет по тоа прашање, со овој проблем се соочуваат сите поединечни и екипни тимови од помалите градови во државата.