Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со пет засилувања екипата на МРК „ Куманово“ започна сериозни подготовки за опстанок во Супер лигата на државното првенство.
Овој потег е направен по слабите резултати во есенскиот дел од првенството кога кумановските ракометари завршија како претпоследни на табелата со само 4 бода и 12 изгубени, 1 нерешен резултат и една победа од 14 одиграни натпревари.
За претстојното првенство во Куманово се врати Вучко Мрвовиќ, кој во минатата сезона настапуваше за кумановската екипа, а ангажирани се и Наум Костов, Михајло Стевовиќ, Милош Благојевиќ и Алекса Радичевиќ.
„Ќе биде многу тешко поради новиот систем на плеј аут натпреварувања, каде од 8 екипи само две ќе обезбедат пласман за Супер лигата во наредното првенство. Овие примени се поради намалување на бројот на екипи од 16 на 12 во лигата. Лошите резултати не мобилизираа да преземеме вакви чекори и ќе сториме се што можеме да опстанеме во најјаката национална лига“, истакна претседателот на клубот Даниел Трајчевски.
Играчите кои ја одиграа првата половина од првенството остануваат во Куманово, освен Јован Даневски. Многу се очекува од искусните Уча Гамзардија, Зоран Ѓурковиќ, Стефан Кимевски. Сега побројниот клуб веќе започна со подготовки, тренинзи и уигрување.
И минатата сезона сениорите играа во плеј аут фазата, но успеја и се задржаа во Супер лигата. Од друга страна пионерската екипа е првопласирана, без изгубен натпревар, а кадетската е 4-то пласирана.
„Напорите се да се оддржиме во Супер лигата уште некоја година за да можат кадетите кои сега доспеваат да се покажат пред македонската јавност. Имаме страшни таленти и играчи за кои далеку ќе се слуша и токму за нивната иднина императив е опстанокот“, потенцира Трајчевски.
Како тренери за клубот работат Љубиша Димковски, Миодраг Јовановски – Црни, Синиша Арсовски и Роберт Ангеловски кој е кондициски тренер. Тие се надеваат дека во пролетниот дел ќе имаат побројна подршка од сограѓаните, особено кога се знае дека ракометот е број еден спорт во градот и секогаш имал верни и гласни навивачи.
Клубот е финасиски стабилен, добива средства од општинската програма за врвен спорт, ваучер од Агенцијата за млади и спорт и средства од неколку приватни спонзори.
Натпреварите во пролетниот дел започнуваат на 11 февруари кога МРК Куманово на домашен терен ќе игра против „Вардар“ од Неготино, кој е последно пласиран во Супер машката лига- Б група.