Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
12 македонски и бугарски велосипедисти изминативе четири дена посетија повеќе знаменитости во Македонија во рамки на манифестацијата “Тур д Бујрум“.
Тргнувајќи од Куманово, групата ја посети црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане и Кокино, при што учесниците се запознаа со значењето и важноста на оваа мегалитска опсерваторија. Од тука маршутата продолжи за Крива Паланка, а попатно младите ги посетија Општина Ранковце и околните села.
Навистина е убаво низ сите места што ги посетивме. Луѓето што ги сретнуваме се многу срдечни и гостопримливи. Велотуризмот во Бугарија е повеќе развиен од тука, но деновиве видов дека постои огромен ентузијазам за рекреативно и професионално занимавање со велосипед, особено кај младата популација, што ми е особено драго. Јас веќе 10 - тина години рекреативно се занимавам со велосипедизам, а на велосипред посетив многу европски земји - вели бугарски велосипедист.
Овие денови групата на вело туристи поминува низ Кратово, Пробиштип и Делчево, посетувајќи знаменитости како Куклици, Лесновски манастир, езерото Калиманци, попатно уживајќи во уникатната природа.
За првпат кај нас сретнувам вака организирана група да патува на подолга маршута. Јас досега обично се организирав самостојно. Драго ми е што конечно некој почна и кај нас поактивно да работи на промовирање на велосипедизмот како алатка за алтермативен туризам - изјави Катерина Ѓорѓиевска, учесник на манифестацијата.
Трката почна на 9 јули и за 8 дена велосипедистите треба да поминат 360 км и со тоа да покажат дека за велотуризам треба добра волја и пријатно друштво.
Манифестацијата се реализира во рамки на проектот “Зачувување на уникатната природа - велосипедски туризам во поддршка на природата“ од ИПА фондовите за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, а носител е Центарот за рурален развој “Бујрум“ со уште три партнери.