Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Симоне Пјаниџани од вчера повеќе не е предводник на турскиот кошаркарски клуб Фенербахче Улкер, за кој настапува и нашиот репрезентативец Лестер Бо Мекејлеб.
Тешкиот пораз од Барселона во последната рунда од Топ 16 сегментот во Евролигата не му остави друг избор на долгогодишниот стратег на Сиена Монтепаски, каде што исто така играше Мекејлеб, а пред него и нашата кошаркарска легенда Врбица Стефанов.
Сепак, дури и пред дебаклот против Каталонците, поточно од почетокот на сезоната, Фенер бележеше резултати под сите очекувања, кои на основа на вложувањата во клубот беа исклучително високи.
Како и да е, италилјанскиот кошаркарски стручњак не успеа да го состави победничкиот мозаик, тимот едвај му се пласираше во втората фаза од континенталниот елитен ранг, а во Топ 16 по осум кола има само две победи, обете домашни.
„Среќен сум и благодарен што имав прилика да бидам дел од едно семејство и голем клуб како што е Фенербахче. Поради ова сум горд. Им благодарам на сите“, порачува меѓу другото во прошталното соопштение Пјаниџани, кој во турскиот клуб стигна минатото лето.