Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Државното првенство во атлетика за основни и средни училишта, кое се одржа викендов во Охрид, Меланија Станковиќ од ОУ „Толи Зордумис“ од Куманово, освои прво место со резултат 8,79 метри и со тоа се стекна со титулата државен првак во фрлање на ѓуле. Првенството го организира Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
„За да биде резултатот поголем таа натфрли и над учениците од 8 и 9 одделенија, иако таа е во седмо одделение. Тренира од оваа учебна година, но талентот и резултатите веднаш дојдоа до израз. Веруваме дека ќе остварува забележителни успеси и во иднина“, истакна менторот Иван Крстевски, професор по физичко образование во „Толи Зордумис“.
По забележителниот успех на општинското првенство таа е селектирана за настап на националното првенство.
Меланија започнала да тренира во матичното училиште, но на терените била забележана од останатите спортски работници. Започнала да работи и во Атлетски клуб Куманово, па и во клупски рамки реди победи.
На стадионот „Билјанини извори“ во Охрид на 11 мај се одржа Државно првенство во атлетика за основни и средни училишта. Од Куманово учествувале три средни и шест основни училишта, како најбројна екипа на првенството. Општинскиот сојуз на училишен спорт доби најмногу медали на првенството, во повеќе дициплини.