Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Шпанскиот тенисер Рафаел Надал истакна дека има голема желба да настапи на претстојниот грен слем турнир, Ју – Ес опен кој минатата година го пропушти поради повредата на коленото која го мачеше до средината на месец февруари.
Минатата година го гледав овој турнир на телевизија, а овој пат имам одлична шанса за добар настап и тоа е неверојатно. Најважно е што се чувствувам максимално подготвен за игра, нешто што не можев ни да го помислам на почетокот на месец февруари, - изјавил Надал на прес – конференцијата пред стартот на последниот грен слем оваа година.
Надал во првото коло од турнирот ќе се сретне со домашниот тенисер, Рајан Харисон, а ако биде се како што треба веќе во четвртфиналето ќе ги одмери силите со петкратниот освојувач на грен слемот во Њујорк, Рожер Федерер.
Не сакам да размислувам уште од сега за тој дуел. На Вимблдон исто така сите мислеа дека ние без проблеми ќе стигнеме во четвртфиналето каде што требаше да се сретнеме, но сите знаеме што се случи, - потсети шпанскиот тенисер кој доколку го освои овој турнир има шанси и да се врати на првото место на светската АТП ранг листа.
Првите натпреавари од првата рунда на добро познатиот „Флешинг Медоус“ се на програмата утре.