Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Како непочитувачко, срамно и навредливо е однесувањето на КК Куманово кон БИБЛ лигата, стои во соопштението кое пред неколку дена беше упатено до клубот, откако беше исфрлен од регионалните натпреварувања.
Во известувањето кое се наоѓа на официјалната страница на БИБЛ, се потенцира лошиот однос на клубот кон првенството, официјалните прописи, официјалните лица вклучително и регистрацијата на истите, протоколите и процедурите во текот и по завршениот натпревар, како и финансиските обврски кон официјалните лица и првенството.
По разговорот за тековните проблеми со генералниот секретар на кошаркарската федерација на Северна Македонија, Влатко Георгиевски во текот на ноември, спортскиот директор Шај Штрикс, донесе одлука за привремено одлагање на натпреварите и давање на можност на клубот во текот на ноември и за репрезентативната пауза да направи се за рестарт на учеството во Деласпорт Балканската лига со краен рок 25.11.2021 година“, се вели во соопштението.
Генералниот менаџер на клубот Виктор Божиновски официјално ги известил БИБЛ дека клубот ги надминал проблемите и ќе продолжи со натпреварување, меѓутоа практично ништо не се случило. Затоа од БИБЛ одлучиле да го исфрлат „КК Куманово 2009“ од натпреварувањето, со сите последици кои следат според официјалните регулативи за сезона 2021/2022, за клубот и официјалните претставници.
Бидејќи ова е втор пат во историјата на клубот да биде исфрлен во текот на сезоната, КК Куманово 2009 со било кој член од оваа раководство никогаш повеќе нема да има право да игра во БИБЛ.
Дејствијата и недејствијата на КК Куманово водено од претседателот Александар Крстевски, се непочитувачки, срамни и навредливи, уништувајки го имиџот и кредибилитетот не само на Балканската лига како натпреварување туку и на останатите 11 учесници, градот Куманово и кошаркарските фанови на Балканот“, стои во продолжението на соопштенито на БИБЛ лигата.
Резултатите на Куманово во БИБЛ ќе бидат избришани. Во меѓувреме клубот на социјалните мрежи објави дека имаат ново засилување. Декуан Абром од тимот на Берое Бугарија, сезоната ќе ја продолжи во КК Куманово. Висок е 188 цм, игра на бековската позиција, а оваа сезона во БИБЛ во 5 натпревари има просек од 11.8 поени по натпревар и 3 асистенции, додека во бугарското првенство има 4.8 поени по натпревар и 1.4 асистенции во исто толку натпревари.