Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Спуштена е завесата на натпреварите од групната фаза на Европскиот шампионат во кошарка.
Со големо внимание ги следевме натпреварите на македонската репрезентација, која не успеа да го повтори историскиот резултат од претходниот шампионат, кога го освоивме одличното четврто место. Групната фаза ја завршивме со скромен учинок од една победа и 4 порази. Објективно на натпреварите со Црна Гора и Литванија во некои ситуации бевме оштетени од страна на судиите, кои наместо да делат правда, го цинеа спротивното...
Ако се погледне составот на нашата репрезентација, играчкиот кадар е речиси идентичен, со мали измени, но со друг селектор Словенецот Пипан. Правејќи анализа на играта на нашата репрезентација, евидентно е дека само на средбата со Србија демонстриравме модерна кошарка, додека на преостанатите натпревари имаше и добри и лоши моменти. Сега по резултатскиот учинок на нашите кошаркари треба да се направи комплетна анализа како понатаму и со кои сили во следните квалификации.
Најверојатно, иако се уште нема официјални најави, грото од кошаркарите ќе се простат од репрезентацијата (Гечевски, Илиевски), а и некои други размислуваат да им го отстапат местото на помладите. Македонската репрезентација има млади кошаркари, кои се уште не го кажале последниот збор во дресот со државниот грб. Брчков, Костовски, Николовски и другите се очекува во иднина да бидат новата надеж во следните квалификациски натпревари, во кои повторно постои желба Македонија да се пласира на континеталните натпревари.
Се очекува по враќањето од Словенија челните луѓе на федерацијата, да направат добро анализа за стореното и со оптимизам ги очекуваат следните обврски, кои ќе се случат многу бргу на следните квалификации.
Веројатно ќе се направат поединечни разговори со сите кошаркари кои ќе сакаат да го носат дресот на Македонија. Добро би било и понатаму да играат популарниот Лестер Бо, Антиќ како нови водачи на новата подмладената репрезентација. Дали и понатаму на кормилото на нашата репрезентација ќе остане и селекторот Пипан, ќе одлучат челните луѓе на федерацијата.Како и да е постигнатиот резултат на македонската репрезентација е во рамките на очекуваното, со жал за пропустите кои не чинеа чекор понапред - пласман во втората фаза од шампионатот.Во оваа репрезентација има добри поединци, кои убедени сме дека и во наредните години ќе ни донесат афирмација на македонскиот спорт.
Што се однесува до вториот дел на европскиот шампионат, кога ќе се решава за медалите тука допрва не очекуваат големи возбудувања. Ако се погледне досегашниот тек на првенството, евидентно е дека екипите се изедначени, односно барем досега нема класичен фаворит. Анализирајќи го потенцијалот на сите репрезентации, според мојата проценка како иден шампион ја преферирам Франција, како најискусна селекција, предводена од двоецот од НБА Паркер - Батум. Со своите игри најпријатно изненади Финска, но во вториот дел тешко е дека ќе можат скандинавците да го издржат силното темпо на натпревари.
Шпанија како повеќекратен владетел на европската сцена е доста голема енигма за нејзините можности. Без клучниот тандем Пол Гасол - Наваро, Шпанците повеќе не се сигурни фаворити за медал. Во овој круг би ги вклучил и селекциите на домаќинот Словенија, предводена од Маљковиќ, Грција, Италија, Хрватска (која во припремниот период одигра катастрофално), но сега Хрватите се сосема поинаква репрезентација.
Кругот на потенцијалните кандидати за медали го затворам со селекцијата на Србија, која иако со многу нови играци, но на клупата со искусниот Дуда Ивковиќ покажа дека има квалитет да се вклучи рамноправно со останатите екипи.
Како големи разочарувања на шампионатот се селекциите на Русија и пред се Турција со Богдан Тањевиќ. Овие две репрезентации одиграа катастрофално и ги разочараа своите навивачи.
Репрезентацијата на Босна и Херцеговина, несудениот патник за вториот круг покажа голема желба и борбеност, но на крајот за малку не успеаа.
Ако би барале поединци, кои со своите игри досега го одбележаа првенството, би го издвоил Мирза Телетовиќ од Босна. Неговата игра не само против Литванија кога одигра маестрално, туку и на другите средби се издвои како прото-тип на модерен кошаркар за сите позиции.
Натпреварите од втората фаза ги очекуваме со нетрпение и желба за добра кошарка, па на крајот нека победи најдобриот.
Маријан Стошевски, спортски новинар