Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарскиот клуб Пинк Пантери изминатиот викенд се врати од турнејата низ Белград каде што одиграа натпревари против екипите на „Раднички“ од Црвен Крст, КК Беко и КК Торлак.
Пријателските натпревари беа со цел воигрување на екипата пред почетокот на младинското кошаркарско првество. Во Белград, Пинк Пантери настапија со две екипи, кошаркари родени 2005/2006, и кошаркари родени 2007/2008 година и помали. Веќе можеме да кажеме дека Пинк Пантери редовно секоја година го посетуваат Белград каде што силите ги одмеруваат со своите врсници и собираат огромно кошаркарско искуство. Со тоа продолжуваме со нашиот тренд да преку квалитетни гостувања, нашите кошаркари максимално да напредуваат - изјави Стефан Николиќ тренер во тимот.
Покрај кошаркарските натпревари, младите кошаркари ги посетија знаменитостите на Белград, а пријателите на клубот од КК Партизан им овозможија во живо да го проследат АБА лигашкиот натпревар против ФМП.
Тој додава дека оваа сезона ќе настапат во М15 првенството на Македонија, каде што младите играчи треба да го покажат својот потенцијал.
Оваа сезона решивме да учествуваме во првенството на Македонија, за кошаркари кои се родени 2005 година и помлади. Ова е голем чекор за овие млади играчи за кои започнува нивната кошаркарска кариера - додава Николиќ.
Пинк Пантери продолжуваат со своите активности. До крајот на сезоната ги очекува уште едно меѓународно искуство, како и организација на турнирот „Раснеме заедно“. Тие ги повикуваат сите млади кошаркари да им се приклучат во нивниот клуб.