Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
И пред да се одиграат сите натпревари од последното коло на групната фаза, познати беа сите учесници во осминафиналето од Лигата на шампионите.
И пред неколку дена беше јасно дека можни противници на Металург во следната фаза ќе бидат Чеховски Медведи од Русија, Атлетико Мадрид од Шпанија и Динамо Минск од Белорусија. Желба на сите во клубот, па и на македонските навивачи е во Скопје да дојде Атлетико со Кире Лазаров, но за тоа ќе одлучи утрешната ждрепка.
Инаку, 16. екипи кои се пласираа во осминафиналето ќе бидат поделени во четири барабани во зависност од нивниот пласман во групите. Во првиот барабан се првопласираните екипи: Хамбург, Веспрем, Киелце и Барселона, а во вториот, заедно со Металург, уште: Фленсбург, Кил и Фуксе Берлин.
Третиот барабан го сочинуваат веќе спомнатите можни противници на Металург плус Горење, а во најслабата конкуренција се: Реал Адемар Леон, Цеље Пивоварна Лашко, Силкеборг и Пик Сегед.
Вкрстуваат првиот со четвртиот и вториот со третиот барабан, а нема заштита врз основа на земјата од каде доаѓаат екипите, па можни се дуели Барселона-Адемар Леон и Веспрем-Пик Сегед.
Ждрепката ќе се одржи утре во 12:30 часот, а натпреварите од осминафиналето се на програмата од 13-17 и 20-24 март.