Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Домаќинот Данска, Чешка и Австрија се противниците со кои во Хернинг ќе се бие битка за вториот круг.
Македонија доби два од трите посакувани противника во прелиминарната фаза на 11. Европско првенство за ракометари, кое ќе се одржи од 12 до 26 јануари 2014 година во Данска, така што ждрепката во Хернинг во македонскиот табор се оценува како повеќе од поволна.
Речиси сите ги посакуваа Чешка од вториот сад и Австрија од третиот, а носител на групата А е домаќинот Данска, со кој избраниците на селекторот Ивица Обрван ќе ги одмерат силите на стартот.
Дуелот е закажан за 12 јануари во „Јиске банк боксен“ во Хернинг, со капацитет од 14.000 места за седење, два дена подоцна е средбата со Чесите и на 16 јануари е пресметката со Австријците.
Трите најдобри селекции од групата остануваат во Хернинг, каде што во вториот круг ќе вкрстат со трите најуспешни од групата Б во Олборг, во која се Шпанија, Исланд, Унгарија и Норвешка. Групата Ц во Орхус ја сочинуваат Србија, Франција, Полска и Русија, а во групата Д во Копенхаген ќе играат Хрватска, Шведска, Белорусија и Црна Гора.
Група каква што посакувавме. Навистина, од носителите ја сакавме Србија, но во групата со домаќинот Данска имаме реални шанси за второто место. За пласманот во вториот круг не станува збор, бидејќи и Чешка и Австрија ги имаме совладано, а за продолжување на настапот на шампионот ќе ни биде доволна победа над некоја од овие две селекции, изјави Наумче Мојсовски.
Супер е што сме во иста група со домаќинот, што значи дека целата групна фаза ќе ја играме во средиштето на првенството пред полни трибини. Сите ќе бидат фокусирани на Данците, па ќе биде малку потивко за нас. Ги имаме победувано другите две репрезентации (Чешка и Македонија), па задоволни сме со ждрепката. Можеше да биде полошо, изјави австрискиот репрезентативец Виктор Силаѓи. Меѓутоа, знаеме каде сме. Се' уште сме релативно мала ракометна нација и се' треба да функционира ако сакаме да ги совладаме овие тимови.
Македонија има позитивен биланс со Австрија, која ја елиминира во баражот за годинашното Светско првенство во Шпанија, кога минатиот јуни прво Скопје ја совлада со 26:21, а потоа во Виена загуби со 30:27.
Позитивни вибрации буди и последниот меѓусебен дуел со Чешка, која „црвено-жолтите“ ја совладаа со 27:21 на Европското првенство во јануари минатата година во Србија и токму со таа победа од Ниш се пласираа во вториот круг во Белград и потоа дотуркаа до историското петто место.
До тој меч, меѓутоа, Чесите беа нерешлива енигма за најдобрите македонски ракометари, од кои беа подобри во квалификациите за ЕП 1996 во Шпанија и за СП 2007 во Германија, а на ЕП во Италија славеа со дури 38:18.
Македонија и Данска имаат одиграно три средби и сите три ги добија Данците, но во двете последни победија дури во финишот - на ЕП во Србија со 33:32 со неверојатната контра на Линдберг три секунди до крајот и на СП во Шпанија во јануари годинава со 33:30, кога со поразот ја избравме Германија наместо Франција во осминафиналето.