Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Координаторот на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Куманово, Томица Илиќ, на Светското првенство во Русија очекува добар фудбал и натпревари за паметење, а посакува Србија да ја освои титулата
Ќе го следите ли Светското првенство во фудбал во Русија?
Го следам Мундијалот во Русија, бидејќи тое е моментално централно случување во светот. Фудбалот, сепак, е најважната споредна работа на светот и добар момент малку да се одмориме од секојдневите случувања, кои се прилично бурни во последниве неколку дена. Спортот е нешто што ги обединува луѓето, па секој од нас би требало барем на моменти да го разбуди својот спортски дух и во духот на Мундијалот да го живееме месецот пред нас.
За кого навивате?
Од нашите блиски соседи учествува репрезентацијата на Србија, така да логичен избор е дека ќе навивам за Србија, иако има уште неколку репрезентации кои ми го привлекуваат вниманието. Сигурно сите љубители на фудбалот пред се ќе навиваат за добар фудбал и за натпревари за паметење, иако секој од нас си има свој фаворит.
На кого типувате дека ќе ја освои титулата, кој е ваш фаворит?
Иако највеќе од се би сакал Србија да го освои Мундијалот, сепак како фавориоти за освојување на титулата би ги издвоил репрезентациите на Аргентина, Бразил, актуелниот шампион Германија, секако Европскиот шампион Португалија, со свои шанси секако е и Франција, Шпанија можеби и некоја репрезентација што не ја споменав може да дојде до титулата, сепак во фудбалот се е можно.
Кого сакате да видите во светското финале?
Мојот најголем фаворит би сакал да дојде до финалето или пак што подалеку во нокаут фазата, но искрено мислам дека Аргентина по играчкиот состав ќе дојде до финалето, а за другиот финалист некоја од погоре наброените репрезентации.
Се нервирате ли кога губи тимот за кој навивате?
Се нервирам, да, но тоа е онаа слатка нервоза ако се спореди со се она друго што ни предизвикува нервоза во секојдневниот живот. Сепак, онаа љубов што ја имам во себе кон тимот за кој навивам е неспоредлива со останатите работи и многу лесно се надминува нервозата, зошто секогаш има втора шанса за мојот тим.
Со кого најчесто гледате фудбал?
Преферирам домашна атмосфера кога игра тимот за кој навивам, но не ретко гледам фудбал и со пријателите. Сепак со нив полесно се надминува нервозата, а и радосните моменти поубаво се споделуваат во друштво со најблиските.