Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Двата најдобри македонски клуба Вардар Про и Металург уште еднаш потврдија дека меѓусебните дуели во било која конкуренција со право го носат епитетот најголемо балканско ракометно дерби.
Можеби не уживавме во атрактивен ракомет, но двата тима со максимална борбеност, жестока игра во одбраната потврдија дека во моментов се меѓу најдобрите во овој дел од Европа.
Вардар Про почна фуриозно по седум минути игра поведе со 5:0 и предноста од два до три гола ја одржуваше до крајот на првиот дел, но на одмор се замина со водство на "црвено црните" од 12:9.
Во продолжението од мечот Вардар Про повторно стигна до предноста од максималните пет погодоци, но во завршните моменти од натпреварот ослабениот Металург, кој вечерва настапи без Филип Миркуловски и Велко Марковски со серија од 6:1 успеа да се избори за израмнување и во последните шеесет секунди се влезе со резултат 21:21.
Со голот на Игор Карачиќ, Вардар Про поведе со 22:21, а во последниот напад Ванчо Димовски пропушти да постигне гол за израмнување.
Најефикасен во редовите на Вардар ПРО беше Карачиќ со пет погодоци, а по три пати во листата на стрелците се запишаа Стојанче Стоилов и Лука Раковиќ додека голманот Страхиња Милиќ забележа 14 одбрани.
На спротивната страна Ренато Вугринец пет пати се запиша во листата на стрелците, а Гоце Георгиевски постигна четири гола.
Вардар ПРО во неделното финале ќе се сретне со првакот на Хрватска, Загреб, кој во воведниот натпревар го совлада 32:29 Брест Мешков. Белурскиот тим во битката за третото место игра против Металург.