Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Тројца кумановци и еден краљевец ги освоија првите три места, на првиот меѓународен "Балкан куп", во прецизно слетување со едрилица, кој викендов се одржа на спортскиот аеродром Аџи Тепе во Куманово.
Со златен медал се закити Марјан Ивановски, второ место Ненад Давидовиќ, а третото место го освоија Никола Ивановски од АК Куманово и Слободан Ѓуровиќ од АК Краљево.
„На небото адреналинот е полн, но сепак присутноста на свеста е најбитна. Секогаш треба да се размислува не само каде ќе се полети туку и каде ќе се слети“,- вели Драган Саздовски, управник на Аеро клуб Куманово.
Саздавески додава дека тие често одат на слични вакви натпреварувања во Босна и Србија, но овојпат станува збор за поспецифичен начин на натпреварување во прецизно слетување т.е на најкратко растојание на кое ќе застане пилотот.
Гостите од Србија велат дека организацијата е феноменална, а бројот на екипите се повеќе се зголемува и нивното дружење станува пообемно и посериозно.
„Идната година, имаме замисла со Воздухопловниот сојуз на Македонија и бившите републики на СФРЈ да конкурираме за форма лига, како што има во кошарката. Па за некои две години би влегла во некој "календар" на натпреварување по фиа стандард, кој ја опфаќа цела Европа. Воздухопловството е секако адреналински спорт, горе на небото чувствуваш дека тоа си ти. Чувствуваш дека тоа можеш да го дадеш и да си го дозволиш. Тогаш си оригинален и по име и презиме,- раскажа Дејан Сариќ од Аеро клуб "Трстеник", кој освои четврто место на купот, а веќе 23 години лета и само минатат година обучил 10 едриличари од неговиот град.
Станува збор за трета ваква организација на територијата на бивша Југославија, а прва на ниво на Македонија.
На натпреварот учествуваа вкупно 30 пилоти, од кои 15 од Македонија, а останатите од Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Натпреварот е во организација на Воздухопловната федерација на Македонија и Аеро Клуб Куманово.