×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Започна проектот за бесплатни часови по пливање на учениците во Куманово

    27.02.2020 16:09 | KumanovoNews

    На Градскиот базен во Куманово, учениците од основните училишта „Крсте Мисирков“, „Вук Караџиќ“ и „Кочо Рацин“, со час по пливање, го отворија проектот „Пливај и уживај“ кој предвидува бесплатни часови за пливање на учениците од основните и средните училишта.

    Започна проектот за бесплатни часови по пливање на учениците во Куманово

    Целта на овој проект е децата да ги совладаат основните техники во пливањето, а воедно преку пливањето да се работи и на превенција од можно оформување на деформитети.

    Обуката се одвива секој вторник и четврток, пред и по завршувањето на часовите, под надзор на професори по физичко и здравствено образование и тим на спасувачи.

    Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, вели дека пред сѐ целта на овој проект е да се создадат млади здрави генерации, коишто ќе растат во духот на спортот, а се надева дека во иднината истото ќе придонесе да има и врвни олимпијци од град Куманово.

    - Проектот  „Пливај и уживај“ и има за цел да ги анимира нашите најмали од основно и средно образование,  да се активираат на полето на пливањето. Кога имате еден ваков импозантен објект којшто е дефинитино најдобар во државата, треба и да го искористите. Целта е да ги совладаме основните техники и елементи во пливањето, целата е да имаме кумановци коишто знаат да пливаат, но првенствено да имаме здрави млади генерации и барем на кратко да ги оттргнеме од компјутерите. Младите треба да живеат во спортски дух и да се надоградуваат со дополнителна спортска активност и во нивните спортски клубови. За среќа имаме и многу спортисти кои се занимаваат со таа дејност и ги потикнувам да продолжат да го зголемуваат своето членство во клубовите, за да можеме еден ден да имаме врвни олимпијци од нашиот град,- додава градоначалникот.

    Претседателот на Сојузот на спортови на Куманово Филип Колевски, вели дека тие како Сојуз на спортови на град Куманово го поддржуват овој проект, кој претставува директно вложување во иднината на спортот и здравјето на децата во Куманово.

    - Иако го нарекуваме проект, сепак ова ќе биде долгорочен начин на работа, кој ќе се одвива секое прво и второ полугодие, каде учениците ќе бидат вклучени по четири месеци. Се надеваме дека нема да трае само една година, туку како пракса ќе остане уште многу, многу години. Сојузот на спортови на Куманово вложува во овој проект преку Општинскиот сојуз на училишен спорт на спортови. Засега се вклучени над илјадници ученици, а очекуваме да се вклучат уште повеќе. Тоа е директно вложување во иднината на спортот во Куманово и во здравјето на самите ученици и тоа ме радува,- дополнува Колевски.

    Претседателот на Општински сојуз на училишен спорт Ивица Ѓорѓиевски, посочува дека со пливањето се вложува и во превенција од оформвање на деформитети.

    - Покрај тоа што добиваат една општа култура во пливањето, како што е носење на купаќи, влегување во базен, исто така пливањето е наменето и за превенција на деформитети, а за секој деформитет препорачливо е да има пливање секој ден. За безбедност на учениците е задолжен професор кој одговара за спасување, меѓутоа и покрај професорот овде има и спасувачи. Исто така, имаме и доволно реквизити, кои сами по себе служат за безбедноста на учениците,- додава Ѓорѓиевски.

    Обуката ќе трае до 15 јуни, а повторно ќе започне со почетокот на школската година во септември.

    Отворањето на проектот „Пливај и уживај“ беше збогатено и со точка од танцово студио „Мак“.