ЖРК Куманово е апсолутен шампион во женскиот ракомет
Ракометарките на Куманово потврдија дека се најдобрата екипа во домашното првенство за оваа сезона, и за само седум дена по освојување на Купот, го освоија и домашната лига.

И овој пат како и минатата недела, кумановчанки за противник го имаа тимот на Вардар. Вардарки на овој натпревар покажаа подобра игра и на полувреме имаа само два гола негатива(16-14), а по паузата за полувреме намалија и на еден гол разлика. Меѓутоа Куманово потврди дека оваа сезона ќе ја заврши без ниту еден пораз, ја врати контролата над натпреварот и ја освои првата титула, и првата двојна круна во Македонското првенство. Конечен резултат на мечот беше 30-21.
Јована Кипријановска постигна шест погодоци и беше најефикасна во тимот на Куманово, а со пет гола натпреварот го завршија Мила Трајковиќ, Ана Шарановиќ и Амела Џакмиќ.
Досега ваков успех имаат постигнато Кометал Ѓорче Петров, Вардар и Металург.
(Ст.Н.)