Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Женскиот ракометен состав на Куманово од утре го започнува вториот дел од првенството во сениорска и пионерска конкуренција.
Во овој втор дел од домашното натпреварување влегуваат освежени на тренерската позиција. Големо име за кумановскиот ракомет, професор по спорт и спортски активности со завршен факултет за физичка култура во Белград и Виша стручна спрема- тренер за ракомет во Белград, Николина Михајловска (Пеливанова) е назначена за прв тренер на ЖРК Куманово.
Михајловска зад себе има оставено богата ракометна кариера. Има настапувано за РК Пролет-Скопје, РК Вардар-Скопје, РК Скопје-Скопје, РК Раднички-Белград, РК Младост-Земун, РК Локомотива-Загреб, ОРК Белград-Белград и РК Куманово-Куманово и одиграно вкупно 56 настапи за југословенската репрезентација.
Освен освежување на тренерската позиција има засилување и во составот на ЖРК Куманово.
Две наши ракометарки на задоволство на сите се вратија во клубот и ќе бидат од голема помош за натпреварите што следат, Викторија Пеовска и Елена Димковска.
Женскиот ракометен состав на Куманово влегува максимално подготвен во играчка, тренерска и организациона смисла.
Пионерките утре го започнуваат првенството на гостински терен против екипата на Овче Поле од Свети Николе, додека првиот состав на ЖРК Куманово утре со почеток од 19.30 часот во Спортската сала ја пречекува екипата на Таста 107 од Прилеп.