Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Денеска се одбележуваат 101 година од раѓањето на народниот херој на Македонија Христијан Тодоровски – Карпош.
Тој е роден на 3 септември 1921 година во Куманово. Прогласен е за Народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување.
Како ученик станал член на СКОЈ во 1939 година, па поради неговите прогресивни идеи бил истеран од средното училиште и не му било дозволено да се запише во друго училиште во тогашното Кралство Југославија.
Во 1941 година учествува во прибирање на оружје, растурање на памфлети и дистрибуција на билтенот „Дедо Иван“, кој бил издаван од страна на градската партизанска организација.
Карпош се истакнал како организатор на Народноослободителната антифашистичка војска на Македонија (НОАВМ). Бил член на Козјачкиот партизански одред од 12 октомври 1941 година и член на партизанскиот штаб од Куманово. Откако одредот бил разбиен, преминувал во Вториот јужноморавски одред и Кукавичкиот одред, наизменично (1942-43). На 26 јуни 1943 година станал командант на Кумановскиот партизански одред, коj постепeно нараснувал и на 1 декември 1943 година бил официјално преименуван во Прв кумановски баталјон „Јордан Николов – Орце“.
Убиен е од бугарскиот окупатор на 7 февруари 1944 година за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско.
Во Куманово е зачувана Спомен куќата на Христијан Тодоровски Карпош.