Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Воведување бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Општина Куманово преку субвенционирање на автобуските превозници од општинскиот буџет би поддржале 79 отсто од испитаниците вклучени во истражувањето “Јавниот превоз во Oпштина Kуманово, потреба од бесплатен јавен превоз и негово влијание врз квалитетот на животот на граѓаните”, спроведено во декември годинава. Близу 14%, пак, се категорично против бесплатна услуга во јавниот превоз.
Истражувањето е спроведено со цел да се измери степенот на задоволство кај граѓаните од јавниот превоз во Општина Куманово, да даде одговор на прашањето дали граѓаните би поддржале воведување на бесплатен јавен превоз, да го измери нивното мислењето на граѓаните за бенефитот од оваа услуга, како и да го измери степенот на задоволство на граѓани од работата на локалната самоуправа. Тоа е спроведено преку истражување на јавното мислење, а е извршено на репрезентативен примерок од 1018 испитаници.
Но, она што се забележува од самиот почеток на резултатите од анкетата е дека само 20,5 % од испитниците редовно користат јавен превоз, додека за поголемиот број, односно за 43,8% од нив оваа услуга е несоодветна на нивните потреби и не ја користат. Јавен превоз само понекогаш користат 27,8% од анкетираните, а 6,7% не се возат со јавен превоз затоа што не се задоволни од услугата.
За квалитетот на услугата за јавен автобуски превоз на скалата од 1-5, испитаниците дале средна оценка 3,04. За подобрување на оваа услуга граѓаните бараат зголемен број на поаѓања во линија (50,3%) и зголемен број на линии (47,5%). Исто така, кумановци бараат и нови автобуси во јавниот превоз (43%), прецизен електронски јавен ред и GPS систем за следење (40,8%), и нови автобуски постројки (26,3%).
Од анализата се гледа дека цената не е пресудна за користење на јавниот автобуски превоз, туку неговата функционалност и квалитетот на услугите. Имено, речиси половина од испитаниците (45,7%) сметаат дека цената на атобуските билети е соодветна, иако за 27,2% е висока, но речиси за исто толку (23,8%) е ниска. Граѓаните почесто би користеле јавен превоз и доколку би имало онлајн систем за следење на автобусите во реално време со прецизен електронски ред, што е предуслов за 68,2% од граѓаните вклучени во истражувањето.
Оние што подржуваат бесплатно воведување на јавен автобуски превоз, ваквиот став го правдаат со економскиот бенефит и заштедите во семејниот буџет (44%), а за 23% пресудно е намалувањето на сообаќајниот метеж (23%) и загадувањето на воздухот (16%), како и ублажување на проблемот со недостиг на доволно паркинг простори.
За организирање на ефикасен линиски јавен превоз на патници најдобро би било формирање на јавно претпријатие во општината, сметаат 88,4% од анкетираните.