Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Шеесетина вработени од Основен суд Куманово утре ќе се приклучат на штрајкот на судската администрација во Скопје. На своите работни места ќе останат само неопходниот минимум вработени, ќе се вршат само итните и неодложни предмети за одредување на притвор или времени мерки.
Протестот ќе започне во 11 часот од пред зградата на синдикатот, а би требало да трае до 15 часот и ќе заврши пред Собранието на РС Македонија.
„Ќе одиме околу 60- тина луѓе, но и оние кои ќе останат даваат целосна подршка на протестот. Можам да кажам дека имаме 110 отсто подршка, зад нашите барања застануваат и наши бивши колеги, сега пензионери, судиите со кои секојдневно соработуваме, како и Судскиот совет. Барањата се познати 78% покачување на личните доходи и исплата на додатоци на плата кои ги немаме земено од март, значи во последните 6 месеци“, изјави Срѓан Тодоровиќ,претседател на синдикалната организација УПОЗ при Основен суд Куманово.
Судските службеници излегуваат на протест тврдејќи дека 90 отсто од вработените зимаат минимална плата, а спецификата на работното место налага задачите да ги извршуваат врз основа на начелата на законитост, професионалност, стручност и компетентност, одговорност, ефикасност, професионална етика, непристрасност и објективност, сервисна ориентираност, транспарентност и доверливост, како и спречување судир на интереси и економичност. Судските службеници во рамките на својата надлежност се должни да им обезбедат на граѓаните ефикасно и законито остварување на нивните уставни слободи, права и интереси во постапките при судовите.Затоа и им следуваат додатоци на плата поради спецификата на работното место.
Ниските примања значително се одразуваат на стандардот и квалитетот на животот на судските службеници и нивните семејства,со што се принудени на драстични мерки за остварување на своите права како што е закажаниот протест.