Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На паркингот кај Пожарната станица, пред Спортскиот базен ,во населбата Гоце Делчев кај т.н. „стар Шипад“ и на улицата „Никола Тесла“, кај споменикот на авијатичари, викендов ЈП „Чистота и зеленило“ ќе го собира кабастиот отпад што ќе го остават граѓаните.
Акцијата ќе се спроведе двата дена во сабота и недела, од раните утрински часови до попладне, а граѓаните ќе имаат можност да одлагаат мебел, шут и друг кабаст отпад, кој веќе не им е потребен во домаќинствата.
Ова е сериозен проблем затоа што често граѓаните непотребните работи ги оставаат до самите садови, контејнери или на јавни површини, по што подоцна претставуваат пречка за движење на граѓаните и слободно користење на тротоарите.
„Ги повикуваме граѓаните да ја искористат ова можност во овие два дена, кои не случајно се изберени за време на викенд кога граѓаните се послободни, без работни обврски сето она што веќе не им е потребно да го одложат на посочените локации. Водевме сметка со локациите да бидат застапени сите околни населени места за да граѓаните имаат можност да го одложат сметот и да им се поблиску тие поставени корпи“, истакна директорот Даниел Стојчевски.
Согласно програмата и правилниците на претпријатието постои можност да граѓаните се јават на дежурниот телефонски број и по однапред утврден ценовник, изгласан од Совет на Општина Куманово специјализирани возила дојдат до точна адреса и да им се изврши услуга на собирање на кабаст отпад од домовите.
„Тоа како понуда постои, но можеби не е доволно промовирана, па граѓаните не се запознаени. Инаку преку нашето јавно претријатие сите имаат можност да се јават, да си договорат ден, термин, време, место и нашите екипи доаѓаат на лице место и го подигаат таквиот смет. Имаме услуга и при реновирање на домовите да побараат корпа за граджен шут, столарија итн, која ја поставуваме на барање на граѓаните, услуга која исто така дополнително се наплаќа“, објаснува Стојчевски.
Акцијата се организира затоа што често има случаи на непрописно одлагање на кабаст отпад, неретко и во коритата на реките, па со оваа мерка намерата е да се спречи таа масовна појава.
„За мене како претседател на Совет е приоритет да имаме чист град, доста гледавме кабаст отпад во реката и на различни локации, неправилно депониран. Ќе се обидеме со уште една ваква акција, бидејќи минатата и не се покажа како многу успешна,за жал. Упатуваме и јавен повик до граѓаните да дадат свои предлози на кои локации да биде собирање на кабастиот отпад, и акција би можеле да ја организираме на пример за две недели од сега најавената“, кажа Ивана Ѓорѓиевска,претседателка на Советот.