Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово денеска беше домаќин на амбасадорите на Полска, Словенија и Словачка, a посетата ja организираше Здружението „Добредојде Македонија“ од Скопје.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, ги прими амбасадорите Хенрих Маркуш од Словачката амбасада, Грегор Прескер од Словенечката и Кшиштоф Гжелчик од Полската, заедно со сопругите, а се разговарало на различни теми во пријателска атмосфера.
„Досегашната соработка во континуитет функционира, се продлабочува, и верувам дека Општина Куманово своето пријателство ќе го прошири на сите планови во овие на нам пријателски држави. Веќе во Словенија имаме потпишано меморандум за соработка со општина Марибор, дополнително тоа ќе се обидеме да го направиме и во останатите држави“, истакна Димитриевски.
Амабасадорот на Полска е првпат во Куманово, а бидејќи е на крајот на мандатот, пред да ја напушти земјата ќе има можност да се запознае со културата, економијата и можностите на општината. Амбасадорот на Словенија веќе доаѓал во Куманово.
„Амбасадата на Словенија е долго присутна во вашата земја и во вашата општина. Токму тука имаме еден интересен проект заедно со здружението „Добредојде Македонија“ - во вашето средно училиште ги учиме жените на ткаење. Се надевам дека ќе има многу, многу прилики да бидам во вашата општина и да ја продолжиме нашата соработка“, изјави амбасадорот Грегор Прескер.
Од Здружението „Добредојде Македонија“ кое работи 15 години на полето на културната дипломатија, велат дека целта на посетата била промоција на земјата и нејзината култура, историја и традиција.
Од Општина Куманово гостите заминаа во разгледување на Соборниот храм „Свети Никола“ и уште неколку знаменитости во градот.