Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Реакција на коментарот „Сезонец и магистер“ објавена на Kumanovonews
Морам да признаам дека читајки ја колумната објавена во kumanovonews напишана од нашиот истакнат новинар Војче Крстевски, а со наслов „Сезонец и магистер“ ме предизвика да ги напишам следните редови во кои би сакал да ги поставиме работите на свое место или како што викаме ние кумановци „да се разберемо како људи“, во однос на тоа каков однос имаат и каков треба да имаат медиумите и политичките партии кон јавноста. Моите ставови и размислувања ќе бидат изложени во еден вид „полемика“ со погоре споменатиот новинар.
Првиот дел од текстот го читав, онака на брзина, затоа што преку другите медиуми веќе бев информиран за протестот на сезонските работници ангажирани во грчката фирма „ДС-Фудс“ и целосно се сложував со прозивките кои авторот на текстот им ги упатува до Tрудовата инспекција и до Синдикатот, кои како формални институции се задолжени прво да не дозволат да се случуваат вакви работи, а ако веќе се случиле, веднаш да реагираат и неправдата да се исправи во духот на „владеење на правото„ и „правната држава“.
Исто така се сложив и со прозивката која им ја упатува на државата и на сите оние кои учествуваа во приватизацијата т.е. „продажбата“ на овој производен капацитети, која што продажба тогашното политичко раководство, државно и локално, го претставувале како некаков „нивен успех“.
И таман помислив дека овој текст е добар пример за тоа како се врши премин од едно обично „известувачко новинарство“ во водите на „ангажираното новинарство“ поминав на последниот пасус од текстот каде што новинарот од висината на ангажираноста „паѓа“ во прашина и магла која се обидува да ја прошири, целосно злоупотребувајки го овој медиум кој му дал прилика да ги објави неговите новинарски дострели. Имено „ангажираниот новинар“ од првиот дел на текстот сега со својата ангажираност оди понатаму па врши анализа на политичкото делување на политичката партија ГРОМ која на кумановската политичка сцена егзистира околу еден месец. Во таа анализа која е дадена само во еден пасос „ангажираниот новинар“:
1.Ја прозива ГРОМ дека требала да се солидаризира со тепаните работници во ладилникот, а не да се жали на кумановската јавност за тоа дека СДСМ во Куманово спроведува партиска дискриминација.
2.„Ангажираниот новинар“ дури наоѓа сила да се мајтапи со тоа дека како жртва на партиската дискриминација не е некој „обичен член“ туку е подржувач на Виктор Цветковски и роднина на Зоран Петрушевски.
3.Мајтапењето оди по натаму со констатацијата дека избрканиот „подржувач и роднина“ сепак подобро поминал од општите работници (не е јасно на кои општи работници мисли).
4.Неговото мајтапење оди уште понатаму кога тврди дека ГРОМ не го слушнал плачот на четириесетте гладни и смрзнати сезонски работници затоа што многу ги заболел политичкиот реваншизм.
5.„Ангажираниот новинар“ дури е саркастичен кога дава и уште едно објаснение дека тие работници не биле членови на ГРОМ, па нема ни зошто да кукаат над нивната судбина.
6.Во својата навала на мајтапење „ангажираниот новинар“ прави пресврт па искажува жалење за судбината на сезонските работници и магистерот.
7.И при крај „ангажираниот новинар“ од обично мајтапење преминува кон „мајтап-прашања“ до ГРОМ и тоа дали ќе свикува прес-конференции кога некој обичен смртник ќе изгубел работа и дали ГРОМ ќе покажел солидарност кон секој граѓанин.
8. Она што најмногу боли во овој текст е отворената подршка и оправдание која се дава на партиската дискриминација и партискиот реваншизам кој што на многу луѓе во нашата земја и нашиот град им го загорча животот.
Е ајде сега „да се разберемо“ и да ги расчистиме работите. Сите ќе се сложиме дека во развитокот на еден демократски политички систем медиумите и политичките партии се многу важни фактори и многу често имаат слични па дури и исти задачи. Првата идентичност во задачите е таа дека и медиумите и партиите се обидуваат да ги следат негативните појави во општеството, особено од областа на човековите права и слободи и да ја алармираат јавноста за тие случувања, се со цел општеството т.е. државата да ги надмине и совлада таквите негативности.
Информацијата за состојбата на оваа група работници ја пренесоа медиумите ама треба да знаеме дека истите тие медиуми биле повикани на прес-конференција организирана од тие работници. Значи медиумите биле повикани и тие известиле. ПА ТАКА И ТРЕБА. Политичките партии а тоа значи ниту ГРОМ, ниту СДСМ, ниту ВМРО ДПМНЕ, ниту една друга партија не биле повикани (И НЕ ТРЕБАЛО). Тоа е задача на медиумите.
А тоа што се случува внатре во една фирма па тоа е задача на еден куп институции и инспекции од државен и локален карактер. Кога веќе го прозива ГРОМ „ангажираниот новинар“, требал да знаеш дека НЕ СМЕЕ било која политичка партија да се меша во работата на било која фирма, домашна или странска, приватно или јавно претпријатие, приватна или јавна институција. Тука медиумите имаат предност затоа што тие во вид на обично известување или преку ангажирано па дури и ИСТРАЖУВАЧКО НОВИНАРСТВО можат да стигнат до некои сознанија и да ја алармираат јавноста за одредени „појави“. Од како ќе дознаеме за некое конкретно негативно случување кое добива размери на „негативна појава“ и ние од ГРОМ а се надеваме и од други политички партии веднаш ќе реагираме со осуда на таквите работи но и со предлози за нивно надминување.
Интересно е како на „ангажираниот новинар“ за око му западнал ГРОМ и неговото делување а не му текнало да ја прозива ВМРО ДПМНЕ, кои се познати по својата „подршка“ на социјално обесправените а особено на СДСМ кои се „специјализирани“ за стечајните работници. Е токму тука, на тој пример, може да се види каква е разликата помеѓу ГРОМ од една страна и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ од друга страна. Колку е штетно кога една политичка партија под своја закрила ќе земе една цела категорија на луѓе, како што е групата на „стечајни работници “, затоа што ако имаме висок степен на ПАРТИСКА ДИСКРИМИНАЦИЈА во државата која обилно ја користат и двете партии сосема е јасно дека на тие луѓе оваа државна власт никогаш нема да им излезе во пресрет и да ги задоволи нивните барања само затоа што се блиски до СДСМ. Тие луѓе не се криви, тие луѓе имаат мака, тие луѓе се „фаќаат за сламка“ но тоа СДСМ не треба да ги злоупотребува, да ги лаже и да ги изложува на додатни маки и непријатности. ТИЕ ЛУЃЕ СЕ ЖРТВИ НА ПАРТИСКА ДИСКРИМИНАЦИЈА. Замислете си колку поголеми „бељи“ може да им се направат на некои работници кога некоја политичка партија би се јавила како нивен заштитник во претпријатието. За тоа постојат синдикатите и повеќе други државни институции, но тоа не е задача на партиите и не смеат да го прават. Партиите кои се борат за власт и кога ќе имаат власт мораат да ги ДЕПАРТИЗИРААТ тие институции затоа што тоа е рак-раната на нашето демократско живеење.
Од тука излегува нашиот став дека и медиумите и политичките партии треба „да пукаат“ по негативните појави во општеството. ГРОМ секогаш ќе алармира за таквите појави за кои ќе дознае секогаш внимавајќи „да не лови во матно“ како што тоа го прават другите од кои сакаме да бидеме различни. Према тоа „ангажираниот новинар“ изгледа дека не сватил дека поентата на прес-конференцијата на ГРОМ беше да се укаже на погубноста и катастрофата која извира од партиската и секоја друга дискриминација. Многу слична поента имаше и прес-конференцијата на сезонските работници од ладилникот. Јас се сложив со сите прозивки и наводи од првиот дел на колумната на „ангажираниот новинар“ па се надевам дека и тој ќе се сложи со мене.
Ако тоа не се случи и ако понатаму ја подржува и ја велича партиската дискриминација како некакво демократско достигање на „ангажираниот новинар“ му посакувам што поскоро да ја почувствувате на свој грб. Инаку во желба да го мотивирам да продолжи со својата ангажираност ќе го цитирам учителот по новинарство Виктор Иванчиќ кој вели дека „ангажираното новинарство, во денешни околности би требало да се занимава исклучиво со штетите настанати од самото такво ангажирано новинарство“.
Зоран Петрушевски, член на ГРОМ