Анита Ѓорѓевска од Куманово меѓу најхуманите медицински сестри во Македонија
Анита Ѓорѓевска, медицинска сестра на Хируршкото одделение во Општа болница Куманово, е добитничка на признанието за најхумана медицинска сестра, кое го доделува Сојузот на здруженијата на медицински сестри техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија, по повод 12 Мај – Меѓународниот ден на медицинските сестри.
Признанието на Ѓорѓевска, заедно со уште осум добитнички, ѝ беше врачено на свечена академија што се одржа во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.
„Многу ми значи ова признание, бидејќи е резултат на мојата 42-годишна работа во здравството. Не очекував дека ќе го добијам, но честитките од пациентите и луѓето што ме познаваат се потврда дека наградата е заслужена. Дури сега го сфаќам вистинското значење на признанието“, вели Анита.
Таа посочува дека за наградата заслуга имаат и нејзините колешки од одделението, колегата Владимир, како и Општа болница Куманово, која ја номинирала и ѝ овозможила да се најде меѓу најхуманите медицински сестри во државата.
Ѓорѓевска својата кариера ја започнала во Детскиот диспанзер, а потоа работела во Домашна посета и Брза помош. Повеќе од 36 години е дел од Хируршкото одделение, од кои 12 години ја извршувала функцијата главна сестра.
Таа вели дека низ годините несебично се посветувала и на пациентите и на помладите колешки, на кои преку едукации им го пренесувала своето знаење и искуство. Денеска е горда на тимот со кој работи, исто колку и на својата професија.
„Работата на медицинските сестри на Хируршкото одделение е една од најодговорните во медицината. Тука се изведуваат операции за различни заболувања и неопходно е познавање од повеќе области за да се обезбеди навремена и соодветна нега на пациентите. Нашата работа е тимска и ништо не може да се постигне без меѓусебна поддршка, која ја имаме сите овие години. Затоа оваа награда е и нивна колку што е моја“, вели Ѓорѓевска.
Анита моментално го работи административниот дел на одделението, бидејќи е помалку стресна, но секогаш е тука да помогне на помладите колешки. До пензионирањето има уште 1,5 година.
Гордана Бешлиоска, претседателка на Сојузот, на академијата го истакна значењето на сестринството како клучен столб на здравствениот систем и улогата на медицинските сестри во унапредувањето на здравствената заштита и јавното здравје.
„Исклучително ми е драго што имав можност да ѝ го врачам признанието на сестра Анита. Таа е исклучителна, посветена и професионална личност, а имав прилика да ја запознаам за време на процесот на акредитација на Општа болница Куманово. Анита е медицинска сестра каква што секој пациент би посакал да го лекува и негува“, напиша Бешлиоска.

За најхумани медицински сестри за 2025 година беа прогласени и Милица Трпковска и Зебуш Реџа од Тетово, Валентина Угриновска од Скопје, Софче Поповска од Струмица, Виолета Михајлова од ГОБ „8 Септември“, Виолета Пауновска од Здравствен дом Тетово, Лозана Коруновска Олеска од Охрид, како и постхумно Иле Гоцевски, возач на Итната медицинска помош од Кочани.
(фото. приватна архива)