28. 05. 2020 10:22

Атрактивни струки за исполнување на професионалниот сон на средношколците во „Наце Буѓони“

Атрактивни струки за исполнување на професионалниот сон на средношколците во „Наце Буѓони“

 Од училиштето велат дека тие се издвојуваат од другите поради атрактивноста на техничките, информатичките и медицинките струки, кои се високо платени и барани на пазарот на трудот кај нас и во странство

Техничкото училиште „Наце Буѓони“ од Куманово во новата учебна 2020/2021, во прва година ќе запише 714 ученици во 21 паралелка односно 340 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик и 374 ученици во 11 паралелки на албански наставен јазик. Како и минатите години така и сега учениците имаат можност да бираат помеѓу три струки: машинска, електротехничка и здравствена.

Во машинската струка има два образовни профили и тоа техничар за компјутерско управување и машинско енергетски техничар со четиригодишно траење како и конструкциски механичар со тригодишно траење.

Во електротехничка струка имаат два образовни профили и тоа електротехничар енергетичар и електротехничар за компјутерска техника и автоматика со четиригодишно траење како и електромеханичар и електроинсталатер и монтер со тригодишно траење.

Во здравствена струка учениците имаат можност да се запишат во образовниот профил медицинска сестра.

Следејќи ги потребите на локалната заедница како нов образовен профил од минатата година е воведен конструкциски механичар со тригодишно траење во машинска струка.

 Првото пријавување и запишување на учениците е на 16 и 17 јуни, второто пријавување е на 24 и 25 јуни и на 29 јуни е третото пријавување.

 Училиштето ги повикува идните средношколци да ги разгледаат нивните смерови и заеднички да зачекорат кон исполнување на нивниот професионален сон, бидејќи вистинскиот избор на средното училиште најмногу ќе влијае на одлуката за изборот на идната професија.

Од управата велат дека нивното училиште се издвојува од другите поради атрактивноста на струките, добро обучен и мотивиран наставен кадар, добри материјално технички услови, соработка со работодавачи, стекнување на знаења во компании и бидејќи станува збор за стручно училиште оспособување на учениците за понатамошно вработување.

Директорот на ОСТУ „Наце Буѓони“, Драган Јаневски, кажува дека за таа цел нивното училиште е опремено со современи кабинети и во нив може да се реализира наставната програма за практичната настава.

„Запишувањето во нашето училиште е инвестирање во иднината, стекнување знаења, практични вештини,  можност на избор:  вработување во струки за кои постои реална побарувачка на пазарот на трудот или продолжување на своето образование. За успехот на училиштето повеќе би сакал да зборуваат нашите активности, освоените награди, успехот на нашите сегашни и поранешни ученици. Јас сум ученик на „Наце Буѓони“. Го избрав училиштето поради интересот кон електроенергетиката, училиштето ми овозможи добра основа за понатамошен професионален развој. Тоа што сум поранешен ученик и што во наставниот кадар има поголем број на наставници кои што своето образование го стекнале во нашето училиште го сметам како предност, затоа имаме разбирање за потребите на учениците и потребите на струката“, објаснува директорот.

Тој додава дека средното образование во голема мера го одредува понатамошниот личен и професионален развој. Тоа е периодот кога учениците започнуваат да размислуваат за својот професионален и кариерен развој, период за стекнување на знаења, вештини и компетенции, период на градење на ставови, развивање на комуникациски и други вештини, и затоа е од особено значење да се избере вистинското училиште.

„Сметам дека учениците треба да бидат прво добро информирани кои образовни профили и кои можност им се нудат, кои услови треба да бидат задоволени. За таа цел  наставниот кадар од училиштето и веб страна на училиштето им стојат на располагање и во секое време можат да ги добијат потребните информации. Потоа нормално зависи од постигнатиот успех во основно училиште и треба да се почитуваат афинитетите  и интересите за одредена област на самиот ученик што би ни овозможило да запишеме мотивирани ученици за учење и нормално постигнување на успех. Секако дека крајната одлука треба да ја донесе самиот ученик во согласност со можностите“, вели Јаневски.  

За повеќе информации околу запишувањето, како и за спроведените активности на училиштето, нивната настава и постигнатите успеси, идните ученици и нивните родители можат да се информираат на веб страната на училиштето (https://nacebugjoni.mk/).

(Ф.Марковска)

Атрактивни струки за исполнување на професионалниот сон на средношколците во „Наце Буѓони“

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk