Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претставници од Отсекот за превенција при СВР Куманово, мото клубот „Мечки“ и Општинскиот совет за безбедноста во сообраќајот на патишта, одржаа едукативно предавање под мото „Безбедно на мотор“ за младите мотоциклисти во центарот на Куманово.
Целта е во непосредна комуникација да им се укаже на важноста од носење на заштитна опрема и почитување на сообраќајните правила и прописи.
Целта на оваа превентивна активност е да се даде посебен акцент на младите мотоциклисти и нивните родители за поголемо внимание и грижа кон децата. Намерата е да им се укаже на младите дека полицијата не е тука за да ги казнува, туку контролира колку се почитува законот и прописите.
„Акцијата се спроведува за зголемување на сообраќајната култура, подигање на јавната свест мотоциклистите да се почитуваат како рамноправни учесници во сообраќајот, како и да се влијае кај самите мотоциклисти да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи,како и заштита на малолетници од сторување на прекршоци и кривични дела во сообраќајот“, стои во соопштението на полицијата.
На мотоциклистите им беа поделени печатени материјали со информативни содржини и маици изработени во соработка со Општински совет за безбедност во сообраќајот.
И искусните мотоциклисти од клубот „Мечки“ упатија порака до помладите сограѓани, за следење на правилата и прописите заради лична безбедност.
„Тоа е првично за тој што го вози мотоциклистот, не да рече тука нема полиција јас ќе ја тргнам кацигата и ќе возам. Важно е цело време да биде свесен и да носи кацига. Обично летно време кацигите ги тргаат од глава и на тоа се вадат дека е многу топло. Тие пет минути кога ќе излезат на кратки релации се случуваат несакани работи. Во било кое време, без разлика дали е топло или ладно носете кацига“, кажа Виктор Михајловски од МК „Мечки“.
На подрачјето на Куманово од за само 3 месеци, од 1 мај до крајот на јули биле санкционирани 407 мотоциклисти за неносење заштитен шлем, 43 кои не поседуваат возачка дозвола и 12 нерегистрирани возила.