Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, утре /петок/ во 19.30 часот ќе биде отворена биенална изложба на скулптури - “Скулптури на новото време 2023“.
Поставката содржи 17 скулптури од поновата продукција на македонски академски скулптори од повеќе генерации. На изложбата ќе учествуваат: Предраг Јаневски – Драшко, Харалампие Манчев – Хари, Ангел Коруновски, Соња Поповска – Трајковска, Андреј Митевски, Александар Јанев, Илчо Стојановски – Илко, Емилија и Стојче Тоциновски, Горан Ѓорев, Перо Кованцалиев, Маја Танева, Филип Перески, Синиша Новески, Маја Ралева – Миладиновски, Марјан Стојаноски, Методи Исков и Емил Солески.
„Единаесеттото издание на биеналната изложба “Скулптури на новото време 2023“ се реализира во многу сложени услови имајќи ги предвид низата на околности коишто претходеа на овој настан. Тука пред сè мислам на настаните во еден поширок контекст:светската глобална криза манифестирана преку штотуку завршената ковид пандемија, енергетската криза, војната во Украина и глобалните климатски промени. Сите овие фактори директно се одразија на економските текови а посебен удар почувствуваа индустриите во сферата на општествената надградба. Се чини дека кревкото тело на културата и уметноста најтешко ги поднесува тие удари, во пракса перципирани како значајно намалена уметничка продукција“, вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.
Проектот финансиски го помогна Министерството за култура на Македонија, а поддршка дадоа и колеги од повеќе институции од областа на културата. Изложбата ќе биде поставена до 26.септември.