Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Бистата на првата партизанка загината во НОБ во Македонија Магдалена Антова, повеќе од 10 месеци ја нема на постаментот во Соколанскиот парк во Куманово.
Случајот во полиција е пријавен пред новогодишните празници, но уште не е најдена, ниту пак е познато дали е украдена или само е отстранета додека траше реконструкција на паркот и заборавена.
„На 27 декември 2023 година во 12.26 часот во СВР Куманово Т.В. (61) од Куманово пријавил дека во паркот „Соколана“ недостасува бистата на Магдалена Антова. Увид извршила екипа од СВР Куманово и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР за Кумановоњуз.
Од Општина Куманово и Сојузот на борците, кои треба да се грижат за културно-историските споменици 10 месеци не знаеле дека бистата ја нема. Дознаа од новинарите на Кумановоњуз. Досега нема било каква рeакција од нивна страна.
Според граѓаните на Куманово, исчезнувањето на бистата е резултат на целокупната негрижа за градот воопшто, посебно за историските и културните споменици и обележја од НОВ и другите историски настани. Иако на првите луѓе на локалната валст устата им е полна со патриотизам, на терен состојбата е поинаква.
„Пред некоја година истото се случи и со бистата на Христијан Тодоровски Карпош пред неговата куќа. За среќа соседите веднаш забележале, пријавиле и бргу ја најдоа. Сега ја изнесуваат само на одбележување на празници и годишнини, кога има делегации. Погледнете само во каква состојба е Спомен костурницата, Менкова колиба, бисти на други херои се тргнаа за да се отворат кафани. Ќе направиме поубава и понова, жално е и страшно е како се однесуваме кон нашата историја, силни сме само на зборови додека ни се прекројува историјата и го губиме сопствениот идентитет“, коментира Г.Ј. (55) од Куманово.
Исчезнувањето на бистата се случила во периодот на реконструкцијата на паркот. Тогаш работниците на фирмата „Интеко Иван ДООЕЛ“ од Скопје го пријавиле случајот во полиција. Постојано во паркот имало и екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ кои биле задолжени за изнесување на размонтираните клупи и останата урбана опрема, а според прописите одговорни лица од општинската администрација треба да вршат редовни контроли на работите на терен. Зошто најзасегнатите, локалната администрација и јавното претпријатие не алармирало порано нема одговор.
Не познато дали бистата е од бронза, па поради тоа е украдена и веќе е стопена во некој од отпадите.
Искуството на стручната јавност е дека ако до сега не е најдена, тешко дека во иднина ќе се разреши случајот. Надежта е дека ќе се откријат и санкционираат виновниците. Единствено можно, ама малку веројатно позитивно решение е ако се јави некој граѓанин, служба или претпријатие дека е кај нив на чување и дека ја зеле да не се оштети во текот на градежните зафати во паркот. Меморијалните споменици и спомен обележја се под надлежност на Општина Куманово.