Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Земјоделци, претставници на фирми и невладини организации на денешниот Инфо ден организиран од Центар за развој на североисточен плански регион и УСАИД се информираа за можностите кои ги нуди ЛИДЕР програмата.
Целта е граѓаните организирано во локални групи да аплицира за добивање на пари од ЛИДЕР програмата на ЕУ и да помогне во решавање на локалните проблеми. Дел од граѓаните веќе имаат идеи за проекти.
- Планираме во Општина Старо Нагоричане да направиме спортско - рекреативен центар. Веќе работиме на тоа повеќе години за прибирање на документација. Добивме и градежни дозволи за изградба на хотел, бунгалови. Направено е почетно езеро, меѓутоа од поплавите имаме некои штети и преземавме чекори за регулација на реката над мостот Драгоманце. Дојдовме овде да видиме како можеме да добиеме средства за развој на Општина Старо Нагоричане, бидејќи тоа е една прекрасна општина, со чиста вода, планини - изјави Марјан Мисевски од невладината “Кокино гнездо“.
На Инфо денот ги советуваа присутните дека најважно е вмрежувањето меѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор за добивање на пари од ЛИДЕР.
- Потенцијални корисници на средствата од оваа програма ќе бидат пред се руралните средини. Не аплицира поединец туку регистрирана локална акциона група. Луѓето кои се дел од овие локални акциони групи треба самите да најдат некој заеднички интерес за да аплицираат за добивање на пари - вели Младен Протиќ, раководител на Центар за развој на североисточен плански регион.
Во наредниот период ќе следат повеќе обуки и работилници за локалните акциони групи кои ќе можат да користат средства од националните програми, донации и ЕУ фондови.
- Во секој регион потребите се различни. Идејата е да има што повеќе помали проекти со што ќе се подобри квалитетот на живот и со тоа младите да останат во руралните средини. Туризам, економски развој, земјоделство се темите кои се бараат - рече Владимир Величковски, проектен координатор за развој на пелагониски регион.
Локалните акциони групи веќе има во пелагонскиот регион, а ЛИДЕР програмата веќе се користи во соседните Грција, Бугарија и Србија.