×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Богата програма за „11. Октомври“ - содржини за сите возрасти и вкусови

    06.10.2023 15:47 | Оливера Пешевска

    Дел од предвидените културни манифестации, фестивали и настани годинава ќе се реализираат во рамките на одбележувањето на Денот на народното востание на македонскиот народ - 11 Октомври, одлучија Фондацијата за култура и спорт и Општина Куманово.

    Богата програма за „11. Октомври“ - содржини за сите возрасти и вкусови

    Програмата започнува во предвечерието на празникот,односно вечерта на 10 октомври на плоштадот Маршал Тито,пред Центарот на култура.

    „На 10. октомври, со почеток од 19 часот, па се до после полноќ ќе се одржи овогодинешното издание на Арт Атак фестивал, кој подразбира сплотување на неколку уметности. Оваа година се одлучивме за филмската уметност и електронската музика“, изјави Марио Арангеловски, директор на Фондацијата.

    На Арт Атак фестивалот ќе има три ди-џеј сета на кои ќе настапат Мамба Квин, Дадо К и Мамли и Шалајко. Од 20 до 22 часот ќе биде проекција на филм на отворено, за првпат на барање на помладите сограѓани. Ќе се прикажува филмот „Снежана на крајот умира“, во кој настапуваат и двајца актери од Куманово, што ќе привлече внимание кај помладите.

    „Филмот ќе се проектира на зелената површина на плоштадот каде ќе бидат поставени лејзи бегс, но и сите заинтересирани можат да си понесат соодветни работи за кои мислат дека ќе им се неопходни за комфорно да го изгледаат филмот. Паузата е поради тоа што истовремено во Центарот за култура ќе гостува престава во рамките на Денови на комедијата. Потоа продолжуваме со музика и ди-џеј сетови во наредните неколку часа“, објаснува Арангеловски.

    Во среда, на 11 октомври, со почеток во 10 часот, ќе започне традиционалното полагање на цвеќе на Спомен-костурницата, а од 10-13 часот на Градскиот плоштад Нова Југославија ќе има изложба на олд тајмери постари од 30 години.  Истовремено, пред Центарот за култура ќе се одржи Куманиум, фестивал наменет за најмалите.

    „Ќе гостуваат многу аниматори, маскоти од популарни цртани филмови и видео игри, ќе има перформанс на професионален жонглер од Скопје, караоке шоу и триенална изложба на дела од Детскиот ликовен камп АСНОМ создадени во изминатите три години“, додава директорот.

    Свеченостите по големиот македонски празник, ќе завршат вечерта со овогодинешното издание на Гитаријадата, која ќе се одржи на малиот плоштад, а ветува богата музичка програма и квалитетни бендови. Гитаријадата ќе ја отвори кумановскиот бенд „Беседа“, по нив ќе настапат гостите од Ниш - бендот Его, а на крај настапува групата Негатив заедно со Ивана Петерс.

    Од Фондацијата за култура и спорт изразуваат надеж дека самата агенда и вака креираната програма ќе предизвика интерес кај сите граѓани и ќе ги задоволи разните вкусови на кумановци.