×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Целосно е затворен за сообраќај мостот на реката Пчиња, граѓаните лути што нема алтернативен пат

    24.07.2021 07:26 | Сузана Николиќ

    Од вчера попладне целосно е затворен за сообраќај мостот на реката Пчиња во селото Доброшане на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, кој веќе една година се реконструира. На коловозот е поставена светлосна сигнализација за забрана за движење, а на двете страни на мостот истурена е ризла која спречува возилата да поминуваат.

    Целосно е затворен за сообраќај мостот на реката Пчиња, граѓаните лути што нема алтернативен пат

    Забраната за движење вчера ја објави АМСМ, без предходна најава од надлежните која е причината.

    „Синтек Инженеринг ДООЕЛ известува дека согласно одобрението за затварање на сообраќај од 23.07.2021 година, заради санациони работи, мостот над река Пчиња, (Доброшане) во наредните 100 дена ќе биде затворен за сообраќај. Се поставува сигнализација која ќе го регулира сообраќајот од и кон Куманово“, беше објавено на сајтот на АМСМ.

    Граѓаните кои ги најдовме на мостот кажуваат дека сообраќајот е прекинат вчера околу 14 часот, по што возилата од двете страни на мостот се враќаат назад или користат селски пат, кој поминува под мостот и преку селото Шупли камен излегува на магистралниот пат. Тие обвинуваат дека патот е многу ископан и по него можат да се движат само џипови, но не и лесни возила и камиони. Не е обележан и нема поставено табли каде е вклучувањето и исклучувањето, па ретко кој знае да се снајде.

    „Патуваме за Свети Николе, сабајле дојдовме во Куманово нормално. Сега не можеме да се вратиме. Ќе мора да одиме на Миладиновци, па по новиот автопат. Не знам како може така одеднаш да се затвори единствената врска кон Источна Македонија и да не се даде некаква најава и известување до граѓаните. Ова е многу фреквентен пат, не е некоја селска уличка, па ќе најдеме чаре, пешки ќе одиме“, велат неколку млади луѓе кои синоќа ги сретнавме на мостот.

    Револтирани се и жителите од околните села кои гравитираат во овој дел од општина Куманово, бидејќи тие немаат друг пристап до дома. Проблеми при враќање од работа вчера имале и вработените од затворот К`шње, нив комбито ги оставило пред мостот, па откако го поминале мостот пешки го продолжиле патот со автомобили.

    Сите се прашуваат зошто изведувачот на работите кога веќе морале да го затворат мостот, не го поправиле алтернативниот пат за да може безбедно да се движат по него. 

    Која е причината за затворањето на мостот никој не знае.