Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Веќе втор ден жителите на населбите Черкезе и Железничка станица се без вода за пиење поради голем дефект на водоводната цевка. Водонабдувањето е прекинато поради тоа што екипите на ЈП „Водовод“ работат на отстранување на проблемот.
Надлежните велат дека работата оди бавно, поради многуте дивоградби во населбата и недостапноста на местото каде што настанал дефектот.
„Се работи за санација на дефект на цевка со голем профил од Ф355 мм, дополнително е затрупана со огромно количество на земја. За да стигнеме до цевката мораше да се копа на длабочина од 7 метри, а вообичаено ископите на големите доводни цевки се на 3-4 метри. Сепак веќе денеска очекуваме дека ќе се реши проблемот и ќе се нормализира водоснабдувањето“, изјави Оливер Стојмановски, директор на ЈП „Водовод“.
Заради интервенцијата неопходно било да се донесе најголемиот багер и да се обезбеди голем простор за непречена работа, ровот кој бил ископан не е со вообичаените димензии.
„Нашите оперативци мора да внимаваат и да не се оштети некој објект при интеревенирање, во неплански изградени области некогаш се работи и многу блиску до куќата. Да не ги спомнуваме ситуациите кога доаѓаме скоро до темелите на одредена зграда“, објаснува директорот.
До редакцијата на Кумановоњуз се јавија повеќе жители на селото Черкезе, кои побараа информација кога ќе се нормализира водоснабдувањето, бидејќи тешко функционираат веќе два дена без вода.