Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вкупно 4 проекти на повеќе граѓански организации се поддржани во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 ( ReLOaD2), финансирана од Европската Унија, која ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), додека Општина Куманово е корисник на средствата.
Вредноста на доделените грантови изнесува околу 4 милиони денари или приближно 67 илјади евра од кои 21% се учество на општината.
Најголем удел од расположивите грант средства, односно околу 1,7 милиони денари или близу 28 илјади евра, се доделени на проектот „ Уредување, промоција и заштита на Бислимската клисура“ на Здружението Народен Универзитет, ЛАГ АБЕР 2015 и Фондација за развој на мали и средни претпријатија. Целта на проектот се активности за зголемена туристичка понуда на Бислимската Клисура, нејзина еколошка заштита, учество на локалното население во туристичката понуда и промоција и иновативни техники за дигитализирање на содржините. Очекуван резултат е зголемен број на посетители за 30% во наредните 5 години.
Здружението на планинари и заштита на планината „Козјак 2013“(ЗПЗП) се добитници на 21,5 илјади евра, пари кои ќе ги потрошат за „Планинарска инфраструктурна основа за туризам и здрави навики“. Со проектот ќе се идентификуваат, систематизираат и уредат 30 км. планинарски патеки, ќе обезбедат услови за адреналински туризам, ќе се едуцираат над 2000 ученици, а истовремено ќе се организираат и планинарски акции, еколошки тури и ќе засадат 1500 садници. Главна цел е 15.000 млади лица и останати категории на граѓани од Куманово да спортуваат на отворено и да поминуваат повеќе време во природа.
Останатите два проекти добиваат значително помали средства.
Спортскиот младински клуб Динамик и Планинскиот велосипедски клуб Оксижендшк се поддржани со 545 илјади денари за проектот „Спортски можности за сите“. Целта е да им се овозможи на лицата со попреченост да учествуваат во рекреативни спортски активности за подобрување на квалитетот на нивниот живот низ примена на нови, иновативни идеи за учење и унапредување на нивното ментално и физико здравје .
За проектот „Жени за одржлив економски развој преку рурален туризам“ на Здружението за поттикнување на локален и рурален развој Ума Сто и Здружението за креативен одржлив развој Дива перуника Скопје се наменети 542 илјади денари. Директни корисници на проектот се жители на селата Умин Дол, Ново Село и Пчиња. Посебен акцент е ставен на невработените жени, кои имаат потреба од обука и менторство за стекнување со основни познавања од областа на рурален туризам.
Главна цел на ReLOaD2 програмата е зајакнување на партнерството помеѓу локалните власти и граѓанското општество, со што ќе се придонесе за поголемо граѓанско и младинско учество во процесите на носење одлуки.