Д-р Зекирија Шаини е во стабилна состојба, откако во него беше пукано во центарот на Куманово
Министерството за здравство соопшти дека повредите на Д-р Зекирија Шаини не се животно-загрозувачки и дека тој е во стабилна состојба и се опоравува.

Д-р Шаини, кој е вработен на скопската Клиника за пулмологија и е носител на советничката листа на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Општина Липково на претстојните Локални избори.
„Ќе биде обезбедена целосна поддршка за докторот додека трае неговото опоравување и рехабилитација. Министерството категорично осудува било какво насилство против здравствените работници и потврдува дека нивната безбедност е приоритет.Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на персоналот во здравството преку соработка со здравствените установи и локалните власти. Министерството активно ќе соработува со Министерството за внатрешни работи и локалните власти во Куманово за целосно расчистување на случајот“, вели Министерството.
ДУИ соопшти дека во знак на солидарност со повредениот, одлучила да ги прекине сите денешни активности, и бара од институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот.
„Загрижени сме од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на листата во Општина Липково, кој беше застрелан од маскирани лица и ранет. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска нега. Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство и бараме од МВР и Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“, соопштија од ДУИ.
Од Колаицијата „Вреди“ најостро ја осудудија секоја форма на насилство и апелираа за „смиреност, воздржаност и почитување на надлежните институции кои треба целосно да го расветлат случајот“.
Денеска во 13.54 часот на крстосницата на ул. Димитрије Туцовиќ со ул. 11 Октомври во Куманово, две маскирани од огнено оружје пукале во патничко возило „фолксваген голф “, управувано од З.Ш.(43) од с.Слупчане, општина Липково, кој се здобил со повреди и е пренесен во болницата во Куманово.