Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Даниел Гелевски е прогласен за најдобар пожарникар, а Денис Бошковски за најдобар полицаец за 2023 година. Традиционалната наградата ја врачува Општина Куманово на крајот на годината на предлог на службите кои се грижат за безбедноста на граѓаните.
Наградените Гелевски и Бошковски, иако млади веќе имаат доволно искуство и работен стаж.
„Јас како пожарникар работам скоро 10 години.Но, и неколку години претходно одев во единицита сезонски, по потреба кога има повеќе пожари. Многу сум задоволен, ја сакам работата која е една од најдобрите и најхуманите што може човек да ја работи“, истакна Даниел Гелевски.
Денис Бошковски е припадник на полицијата веќе 9 години, распореден на местото полицаец во Секторот за внатрешни работи Куманово.
„Ова прилика ја користам и да ви ги честитам новогодишните и божиќните празници и да ви посакам многу здравје и успех во наредната 2024 година, како и на целокупната кумановска јавност. Исто така се заблагодарувам на моите колеги со кои деноноќно ги извршуваме задачите и на старешините во СВР Куманово, колектив без кој ни јас не би имал успех во работата“, заклучува Бошковски.
Претседателката на Советот, Ивана Ѓоргиевска беше домаќин на настанот и ги врачи наградените, но и на сограѓаните им посака помалку пожари, помалку кризни состојби и поголема безбедност во годината што следи. Изрази надеж за поголема соработка во корист на граѓаните на Куманово, што се однесува до пожарите и до безбедноста, мирот и редот во градот.