Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Основниот кривичен суд Скопје денеска донесе ослободителна пресуда во постапката која се води против поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски.
Претседателот на судечкиот совет, надвор од главен претрес, констатира дека е настапена апсолутна застареност за кривичното гонење, на дело сторено во период од 2001 до 2002 година
„Судечкиот совет кој постапува по предметот со К.бр. 414/23 против обвинетиот Д.Д. постапувајќи по обвинителниот акт на ОЈО Скопје со КО бр. 1856/03 од 18.04.2005 година за кривичните дела Злоупотреба на службена положба и овлатување од чл. 353 ст.3 вв со ст.1 и в.в чл. 22 и чл 45 од КЗ донесе неправосилно решение со кое кривичната постапка против Д.Д. се запира поради настапување на апсолутна застареност, а пресудата со К.бр. 809/05 се укинува“, стои во соопштениоето на Судот.
Ова практично значи дека сите постапки против Дарвелски запираат, а порано донесената пресуда се укинува. Како причини се наведени дека според законот кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат 10 години од извршувањето на делото, а согласно член 108 ст.6 од истиот Кривичниот Закон „застареноста на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што се бара за застареност на кривично гонење“.
Пресудата е неправосилна и странките имаат право на жалба. Барањето за повторување на постапката против обвинетиот Даравелски е доставено од неговиот бранител на 10.01.2023 година.
Даравелски беше осуден во отсуство во 2007 година за Злоупотреба на службената положба и овластувања и се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.Тој беше приведен на ГП Табановце при влез во државата на 10 јануари годинава и беше спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Идризово. Оттаму излезе на 15 февруари.
Од Основниот суд Куманово тогаш изјавија дека од прием на правосилната пресуда на Даравелски тие преземале повеќе дејствија со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано.
„Со оглед дека од последното преземено дејствие од страна на судот нема изминато период од десет години, ниту пак изминало два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна, застареноста не настапила“, стоеше во соопштението на Судот издадено во јануари.